Музејот на македонската борба за државност и самостојност вчера ги отвори портите за оние што сакаа да видат малку поинакво модно доживување.
Со наслов „Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современата мода“, дизајнерот и костимограф Александар Рашковиќ и дизајнерот Ненад Секирарски ги обединија своите модни изрази.
Преку модниот перформанс поделен во три дела, успеаја макар за момент да го вратат староградскиот моден и културен дух, и да нè навратат во 20-тиот век, преминувајќи суптилно во она што е карактеристично за современиот живот.
„Јас го прифатив ангажманот во овој проект пред се бидејќи мојата професионална преокупација е костимографијата. Проектот се базира на историски костими пред сто години, во „ала франга“ стил што е во суштина градската мода во тоа време, а на која европската мода имала големо влијание. Затоа ми беше предизвик да направам една ваква колекција“, вели костимографот и дизајнер Александар Рашковиќ.
Овој проект започна како иницијатива на кумановскиот музеј и токму затоа не случајно е направен изборот на двајцата дизајнери кои се со кумановско потекло.
„Со цел да се долови модата во последните години јас се одлучив за селекција од десет модели од моите последни колекции, но секако доминираа креациите од мојата најнова колекција со која што го затворив Белградскиот Fashion Selection во април оваа година“, вели Секирарски.
Модната ревија во која дизајнерите, секој преку својот специфичен дизајнерски видик не’ навратија стотина години во времето, понуди машки и женски костими кои го носеа староградскиот дух на минатиот век, но со модифициран современ призвук: панталони споени со елеци и кошули во земјени тонови, женствени тоалети со светкави детали, фустани со линија што ја потенцира силуетата, модифицирани шапки, а во повеќе наврати како симболичен додаток во стајлинзите го видовме и печалбарскиот куфер полн со надеж за подобар живот.
„Во изработката конкретно на мојата колекција наменски за овој проект, користев материјали што визуелно ќе изгледат слично како материјалите што ги користеле во градската мода пред сто години. Запазена е една Е силуета која е со малце поизразена задница, ставив и светкави детали бидејќи сакав да доловам еден погламурозен изглед. Впрочем мојата идеја беше преку инспирација од тоа време да ја покажам градската мода во денешно време како јас лично ја гледам“, ја објасни својата колекција Рашковиќ.
Александар Рашковиќ
Заедничка нишка што ги поврзуваше сите негови костими беа впечатливите детали во косата на моделите, што асоцираа на модифицирани шапки карактеристични за „ала франга“.
„ Деталите во косата се модифицирана форма на капите во „ала франга“ модата, дефинирани со пердуви и стилизирани листови. Во таква слична форма биле и неизбежните капи во тоа време. Бидејќи кај нас шапкарството не е доволно развиено, а јас не сум доволно стручен за да се дрзнам сам да произведувам шапки, во мој стил ги стилизирав тие капи и направив детали за коса за да создадам и една врска помеѓу сите модели заедно“, додава Рашковиќ.
Модниот времеплов што вчеравечер не’ наврати во минатото, потврди дека облеката сепак може да биде безвременска и нослива, а со неа го олицетворуваме и нашиот личен и национален идентитет.