Мултимедијален проект „Во името на фалусот и срцето, јас сум човек“ на „Скопје креатива“

17 април 2018

„Во името на фалусот и срцето, јас сум човек" е насловен мултимедијалниот проект на Александра Јовановска (моден дизајн) и Екатерина Намичева (индустриски дизајн-постамент), кој ќе биде претставен на претстојниот фестивал „Скопје креатива 2018" (11-13 мај МКЦ). Прокетот се состои од презентација на модна колекција од 4 машки и 3 женски парчиња облека, или вкупно 17 дизајнирани парчиња и нивна презентација на дизајнирани закачалки.

Модната колекција (машка и женска) е инспирирана од лична приказна/случка на еден од авторите. Настанот се случил на осторвот Крф, кога Александра Јовановска на песочната плажа Глифада нацртала форма на фалус, за потоа во морето да пронајде песочна фигура на фалус. Случката била предизвик за истражувањето за формата и симболиката на фалусот во старите цивилизации, со посебен акцент за значење во староримската култура (областа Помпеја).

- За старите Римјани фалусот бил боженствен заштитник од злонамерни влијанија,
заштитник на младешкиот шарм, како и заштитник на безбедноста на римската држава. Неговата форма често била претставена предимензионирано во однос на човечката анатомија и во еректилна функција. За разлика од старите Римјани, во македонската култура, симболиката на фалусот е поврзана со оплодувањето и плодноста, како и одбрана од стравот од смртта. Неговата претстава најчесто е присутна во маскираните обреди и поворки преку формите од стап (со задебелување на краевите; суројца, суровица, грабовица), класови пченка, кросно, рачки од рало, праз, лејки и клопотарци,оружје (дрвени ножеви, сабји, пиштоли) и музички инструмент (шупелка, гајда) - велат авторките.

Истражувањето на инспиративните елементи дизајнерски, во модната колекција е преведено преку изработката на дигитален графички печат како апликација на одедени парчиња. Исто така аплицирани се мотиви со фалус преку рачен вез. Конструкцијата на облеката и додатоците е испирирана од комбинацијата на облеката за спортување со формалната облека (машка и женска) од западната мода на 21 век (модна тенденција за сезоните од 2019 год.).

Дизајнираните прозиводи (7 постаменти за закачување и 17 парчиња облека) ќе бидат презентирани како инсталациска поставка. Соработник на проектот е Љиљјана Јовановска, техничко лице за реализација на модната колекција.

- Во склоп на модната колекција се изработени се постаменти. Постаментите за закачување се инспирирани од последната модна тенденција што преовладува во дизајните. Симболите како срце, извичник, се директна инспирација од модната колекција. Колоритната карта на постаментите е преземена исто така од модната колекција. Постаментите служат за комплетирање и изложување на модните изгледи. Сите постаменти имаат база направена од натур бетон, додека дел од формите кои ја сочинуваат самата закачалка изработени се од метален профил и дрво. За потенцирање на постамените за закачување поставени се и лед сијалици, кои ја потенцираат силуетата - вели Јовановска.
Од материјалите избрани се природни и одредени технолошки материјали, како и ткаенини со одредени шари и такстури. Одредени делови од облеката изработени се во техника пачворк.

Александра Јовановска завршила на Европскиот универзитет, Скопје, постдипломски студии
циклус по арт и дизајн, моден дизајн, на Академиа Италијана - Скопје како дипломиран моден дизајнер. Реализирала повеќе изложби: изложба за дизајн за работни униформи во Тетово, графички дизајн на текстил како соработник во проектот „Чеиз" од Јана Мaнева – Чупоска, модна изложба на детска колекција во МОБ, како и групни претставувања во Национална галерија на Македонија, во Нови Сад, Белград... Соработувала со модниот дизајнер и уметник Никола Ефтимов.

Екатерина Намичева е дипломиран инженер архитект на Универзитет Американ колеџ -Скопје, работела како асистент на Универзитетот ФОН и на Европскиот универзитет. Реализирала практична работа на проекти поврзани со ерменската култура.

 

Објавено:
17 април 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
90 пати