На 31 – ви мај, 21 – годишната Лекси Алфорд од САД пристигна во Северна Кореја и стана најмладата личност што ги посетила сите земји во светот.
Со овој потег, таа го надмина рекордот на Џејмс Аскит кој на 24 години во неговото патувачко портфолио ја смести и последната земја.
Патувањата отсекогаш биле предизвик за младата Лекси, а со оглед на тоа што нејзините родители поседуваат туристичка агенција во Калифорнија, тоа било лесно остварливо.
„Патувам со моите родители од многу мала, понекогаш дури се случуваше да земам отсуство од училиште одредено време и да учам самостојно само за да одам на прошетки со нив“, ќе рече младата Лекси.
Таа додава дека и со нејзините родители посетила голем број земји ширум светот, се со цел да се запознае со различните култури и начин на живот на населението.
„Тоа што тие ме изложуваа на различен начин на живот, имаше огромен ефект врз тоа каква личност сум денеска. Отсекогаш сум била љубопитна како живеат луѓето ширум светот и што ги прави среќни“, вели Лекси.
Ќе каже и дека не сакала да го надмине светскиот рекорд, туку едноставно, патувала зашто тоа ја правело среќна.
„На почетокот, сакав само да патувам и да видам што е можно повеќе од светот. По некое време, сфатив колку е ова инспиративно за мене и за младите жени околу мене кои ме гледаат како инспирација. Поддршката ми беше сè во оние моменти кога ми беше многу тешко. Сакав на сите да им покажам дека светот не е страшно место како што го прикажуваат медиумите и дека луѓето се навистина фини“, вели таа.
Официјално, последните патувања таа ги започнала кога имала 18 години кога си рекла дека можеби може да го помине постоечкиот рекорд. Ќе каже дека патувањата ги финансира сама благодарение на неколкуте соработки со познати брендови и компаниите кои го подржале нејзиниот проект.
„Знаев дека ова е мојот сон и штедев уште од 12 години. Кога веќе можев, почнав да работам безброј работи само за да можам да патувам и тоа го остварив“, вели младата дама која на 21 година го прошета целиот свет.
Инфо и фото: Forbes