Наде Талевска со моќна изведба на „Оваа љубов“ блесна во креација на Елена Лука на сцената на Макфест 2020

19 септември 2020

Наде Талевска со фантастична изведба на „Оваа љубов", комплетно авторско дело на Бобан Василески, вечерва звучеше и изгледаше беспрекорно на макфестовската сцена и ги заслужи сите комплименти. Моќен вокал, одлична композиција и перфектен сценски изглед.

Во креација на Елена Лука, авангарден дизајн совршено адаптиран на темата и сцената, Наде Талевска имаше комплетна приказна. Елегантна, впечатлива на сцена, таа беше стилизирана во гламурозна, макси тоалета, со суптилно отворени рамена – изглед што потсеќа на стариот холивудски гламур, соодветен и на реномето и традицијата на фестивалот, а соодветен и на емоцијата на композицијата.

Во вонредни услови со посебни протоколи и редуцирана публика, овој викенд во Штип се одржува јубилејното, 35-то издание на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест". Распореден во две фестивалски вечери, од кои првата ревијална, а втората со традиционалниот натпреварувачки карактер, ова издание на фестивалот за прв пат се одржува на отворено на градскиот плоштад во Штип, со цел да одговори на протоколите на мерките за заштита од Ковид-19, одржувајќи го континуитетот и покрај вонредните околности.

Првата вечер на фестивалот беше посветена на емотивно евоцирање спомени и навраќање на ретро хитовите што го обележаа Макфест низ годините. Во придружба на „Big Band" под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски, дел од антологиските песни, како „Сонце за три светови", „Е, да сакаш", „Купувач на старо", „Свирете ја зајди, зајди", „На минус 23" во живо ги изведоа Интервали, Олгица Христовска, Дарио, Мики Јовановски-Џафер, Трајче Манев, Лидија Кочовска, Џокси, Ристо Самарџев... Со тоа се заокружи и една ретроспективна вечер која разбуди спомени и емоции и кај публиката и кај изведувачите.

Втората вечер продолжува со традиционален, натпреварувачки концепт во кој учество земаат 24 композиции во изведба на познати музички имиња на домашната сцена и дебитанти. Голем дел од изведувачите вечерва за прв пат се враќаат на сцена откако се соочуваме со пандемијата.

Фестивалската програма сè уште е во тек, а по завршувањето, во очекување сме на доделување на наградите, кои остануваат исти како и претходните години, 5000 евра за прво место, 3000 евра за второ и 1000 евра за трето место. Ќе се доделат и наградите за најдобра аранжман, за најдобар сценски настап и за дебитант во висина од 500 евра, а нема да се додели наградата за најдобра интерпретација бидејќи фестивалот ќе биде на плејбек. Причина за ова, според техничкиот раководител Кирил Панајотов е заштитниот фактор, односно неможноста да се менуваат 24 микроофони.

 Макфест е бренд, кој остави во наследство над 1000 композиции и воедно останува најголем промотор на музика уште од своите почетоци. Годинава фестивалот се реализира во услови на светска пандемија, и на заштитните мерки и протоколи согласно препораките, и тоа е најголемиот предизвик.

Објавено:
19 септември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.259 пати