Најдобрите летни изложби во Европа

10 јуни 2014

Сите вие кои одлучивте вашиот летен одмор да го поминете во кратко патување низ Европските метрополи, а секогаш сте „гладни“ за уметност, денеска решивме да ви презентираме дел од најзабавните изложби кои ова лето ќе бидат поставени во музеите ширум Европа.

Park Nights, галерија Серпентин, Лондон ( 27.јуни - 3.октомври)

Британската галерија Серпентин, ја отвора серијата настани посветени на уметноста, поезијата, музиката, филмот, литературата и перформансите. Ова лето ќе може да посетите осум настани кои покрај визуелните перцепции ќе бидат збогатени и со предавања од страна на врвни експерти од областа на уметноста.

Мондријан и неговото ателје во Тејт, Ливерпул (6. Јуни – 8.октомври)

Оваа година се одбележуваат 70 години до смртта на Пит Мондријан. Во негова чест е организирана изложба посветена исклучиво на работата што овој голем уметник ја создавал во Париз, Амстердам и Њујорк. Најголемо внимание се очекува да привлече реконструкцијата на неговото ателје во Париз, специјално изработено во чест на јубилејот.

Казимир Маљевиќ, Тејт Модерн, Лондон

Првата голема ретроспектива на рускиот супрематист во Лондон. Делата се позајмени од сите релевантни колекционерски институции кои чуваат дел од изработките на Маљевиќ, така да се очекува навистина интересна и пред се квалитетна понуда на дел од неговите најдобри дела.

Денис Хупер, Кралска академија на уметности, Лондон (26.јуни – 19.октомври)

Оваа година во Лондон во Кралската академија на уметности ќе биде прикажана изложба која претставува колекција од над 400 фотографии, дело на актерот и уметник Денис Хупер. Во изложбата насловена „Изгубениот албум на Денис Хупер“, ќе бидат презентирани и фотографии кои се пронајдени после смртта на Хупер во 2010 година.

Ел Греко, Прадо, Мадрид (24. Јуни – 5. Октомври)

Во чест на 400 годишнината од смртта на шпанскиот уметник со грчко потекло, музејот Прадо организира изложба насловена „Ел Греко и современата уметност“. Изложбата има за цел да го покаже влијанието кое Ел Греко го имал врз уметноста од деветнаесеттиот и дваесеттиот век. Ќе бидат промовирани 25 ремек дела на Ел Греко и 75 дела на неколку современи уметници.

Универзумот и стварноста, Мумок, Виена (6.јуни – 7.септември)

Ова жешко лето современиот виенски музеј ќе претстави тематски избор на своите нови дела. Изложбата ќе се состои од 33 дела кои што музејот ги купил или добил од 1960 година па се до денес. Сите дела ќе бидат посветени на темата за универзумот и неговата врска со реалниот свет.

Објавено:
10 јуни 2014
Категорија: 
Култура