Најволшебните европски дестинации за зимски патувања и божиќни прослави

3 ноември 2022

Има некоја посебна магија што се чувствува низ улиците на европските градови за време на Божиќ. Во тој период, додека паќа снегот, треперат светилките, се крчка вареното вино и декорациите ги красат елките, прозорците и излозите во продавниците, божиќните бајки стануваат вистинска реалност.

За Божиќ, европските градови, со својата стара и фасцинантна архитектура, празничниот амбиент и посебна култура, нудат незаборавно искуство кое не може да се доживее во ниту еден друг период од годината. Раскош и светлина што се искусуваат само еднаш годишно.

Па доколку се одлучите да патувате за празниците, веќе знаете дека изборот нема да биде лесен. Но да ви олесниме, направивме листа на се само дел од прекрасните европски градови каде за Божиќ ќе доживеете вистинска магија, а вие одберете.

Халштат, Австрија

Халштад изгледа волшебно во зима. Затскриен помеѓу високи планини и езерото, во регионот Салцкамергут, овој мал австриски град изгледа како илустрација за најубавите бајки. Она што го прави Халштат толку посебен е неговата комбинација од прекрасна глетка и шармантни стари алпски куќи. Некогаш пристапен само со брод или преку планинска патека, Халштат денес е една од најпопуларните и фотографирани туристички дестинации во Австрија. Прекрасно е во секое време од годината, но е најпопуларна дестинација во зима, кога се претвора во вистинска зимска бајка. Покрај тоа што е неверојатно фотогеничен и шармантен, Халштат има и бројни знаменитости кои вреди да се видат.

Салцбург, Австрија

Салцбург се претвора во еден од најпосетените градови за време на божиќните празници, што не е чудно ако ги имаме на ум многубројните прослави и фестивали кои се одржуваат тогаш. Идеалната посета на овој град би вклучувала уживање во празнична атмосфера и разгледување на знаменитостите во областа на Стариот град, каде класична музика се слуша во позадина. Магични мали места покрај брегот на езерото, варено вино, музејот на Моцарт и оригинални чоколадни топчиња, сето тоа е дел од магијата на Салцбург.

Талин, Естонија

Прекрасниот историски центар на градот Талин, од година в година привлекува сè поголем број посетители. Иако летото со себе носи прекрасно време кое е идеално за разгледување, не може да се спореди со начинот на кој зимата го извлекува најдоброто од преслаткиот градски пејзаж на Талин. Во зима, Талин добива живописно, бајковито чувство, пресликано во божиќниот пазар во стариот дел на градот, кој е осветлен со новогодишни светилки, како и лизгалиштето.

Фото: journal.hr

Будимпешта, Унгарија

Во последните години, Будимпешта конечно е препознаена како одлична дестинација за зимски патувања. Покрај тоа, градот е доста познат по големите термални бањи, културно-историски знаменитости, примамливи гастрономски деликатеси и големиот избор на барови и хотели. Во зима, Будимпешта е исклучително посакувана дестинација благодарение на популарниот божиќен пазар и адвентните атракции.

Абиско, Шведска

Зимата е можност за многу различни активности, но едно од најнезаборавните искуства секако е набљудувањето на поларната светлина. Најдоброто место за набљудување на овој неверојатен феномен е Абиско. Тоа е мало село во Шведска Лапонија, па имајте на ум дека сигурно ќе биде магично, но и прилично студено ако го посетите во зима.

Фото: journal.hr

Езерото Блед, Словенија

Словенија е земја со бескрајна убавина, но туристите најчесто се собираат на волшебното Бледско Езеро. Прекрасно е во текот на целата година, но ова алпско езеро станува земја на чудата кога ќе надојде зимата. Со поглед на Јулијанските Алпи, езерото Блед се карактеризира со кристално чиста вода, а околната шума, замокот на карпата и црквата на островот прават да изгледа како место од совршена бајка. Прошетката покрај езерото е исто така многу романтична, а кога ќе се изморите, седнете на кафе и уживајте во оригиналните бледски крем пити.

Фото: journal.hr

Вогел, Словенија

За љубителите на поактивни патувања, ски-центарот Вогел е одлична дестинација. Сместен над прекрасното езеро Бохињ, во срцето на Националниот парк Триглав и со вкупно 22 километри скијачки патеки, Вогел ја има најдолгата патека во Словенија и нуди бројни активности за најразновидни интереси. Скијачката сезона таму обично започнува во декември и трае до мај.

Фото: journal.hr

Стразбур, Франција

Кога мислиме на Франција и зимско патување, на ум ни доаѓаат скијачките центри кои се одличен избор за сите љубители на поактивен одмор. Франција е исклучително разновидна земја како зимска дестинација, а средновековниот град Стразбур нуди прекрасна архитектурата, шармантни дрвени куќи, импресивни историски цркви и живописни канали. Посетете го божиќниот пазар и понесете си сувенир дома бидејќи покрај топли напитоци кои ќе ве загреат, на штандовите ќе најдете и интересни рачни изработки.

Амстердам, Холандија

Секое време е добро време за посета на Амстердам, па зошто да не го посетите во зима. Оваа вечно популарна холандска дестинација импресионира со своите живописни канали, но зимата некако го прави овој град уште поубав. Амстердамскиот фестивал на светлината (одишен зимски настан) веројатно игра улога во ова.

Објавено:
3 ноември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
904 пати