Наскоро нови списанија за најмалите!

3 април 2017

Од утре започнува, за многумина, најочекуваниот и возбудлив настан – Саем на книгата 2017 година.

Во рамки на истиот, ќе бидат понудени многу попусти, изненадувања и промоции. Така ќе биде и на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Она што веројатно ќе ги израдува најмногу најмладите, ќе бидат новите две списанија „Мини либи“ (списание за ученици од прво до трето одделение) и „Либи“ (за ученици од четврто до шесто одделение). Станува збор за богати месечни изданија од 36 страници, кои според содржината, научната подлога, занимливоста, визуелната компонента и соодветноста на потребите на модерните деца и актуелната наставна програма во училиштата, можат слободно да застанат „рамо до рамо“ со сите светски водечки списанија наменети за најмладите.

-Промоцијата ќе се случи в среда (5 април) во 13 часот, во Промотивниот центар на Скопски Саем (хала 2), а промотор ќе биде омилената другарка на децата, Зорица Црношија. Посетителите ќе имаат можност одблиску да се запознаат со првите броеви на списанијата. Ова за мене е дефинитивно најдоговорната работа што досега сум ја работела, затоа што децата се најделикатната читателска публика, па оттаму, многу ќе се радувам доколку станете фан на „Мини Либи“ и „Либи“ – вели главниот уредник на списанието, Бранка Костиќ Марковиќ.

За големите пак, оваа издавачка куќа подготви други изненадувања.

В среда, четврток и петок, со почеток од 19.30 часот, читателите ќе имаат можност да се запознаат со четвроица автори, чии дела оваа издвачка куќа ги преведе токму за актуелниот книжевен саем.

Се работи за писателите Франсеск Миралјес и Хавиер Руескас од Шпанија чија книга „Отчукувања“ (Pulsaciones) внесе свежина во литературата и предизвика огромен интерес особено кај младaта популација ширум светот, потоа легендарниот сараевски музичар и хуморист д-р Неле Карајлиќ чија биографија „Фајронт во Сараево“ стана една од најчитаните книги на целиот простор на поранешна Југославија, а ќе присуствува и еден од лауреатите на Наградата за литература на Европската Унија, луксембуршкиот писател Жан Бак, чија новела „Аматер“ со својот современ комплексен наратив и љубовна тематика со сигурност ќе допре и до македонската читателска публика.

Разговорите се дел од низата интервјуа со ѕвезди од областа на литературата, културата и уметноста од циклусот „Астрорум“.

Повеќе информации можете да добиете на линкот ТУКА.

Објавено:
3 април 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
155 пати