„Не сум чуден, само имам дислексија“

31 мај 2018

Во Хрватска, како најблизок пример, веќе три децении се говори за дислексијата како состојба, а децата со оваа појава се целосно интегрирани во општеството, во училишниот систем и речиси сите институции имаат прилагоден пристап кон оваа група.

Иако во Македонија институциите се отворени за соработка, досега во ниту едно училиште не се воведени методи и принципи за работа со овие деца чија состојба мора да се прифати, за да се работи со нив на едно повисоко ниво.

Ова беа дел од заклучоците на денешната дискусија и презентација на резултатите од проектот „Не сум чуден, само имам дислексија“, како дел од Здружението „Ајнштајн“.

На истата на која присуствуваа претставници од инсистуциите, наставници и други стручни лица, претседателот на Здружението за дислексија „Ајнштајн“, Дамјан Николовски говореше за резултатите од проектот спроведен во 32 основни училишта во Скопје и како преку едукација на наставниот кадар да им се олесни интеграцијата на овие деца во општеството.

Иако голем дел од наставниците сакаат да соработуваат и да им го олеснат учењето на децата, тие не се доволно запознаени со оваа состојба и немаат правилна едукација и правци во кои би се движеле.

Она што е и повеќе од потребно е ова што побрзо да се промени, за сите деца со дислексија да се развијат во стабилни личности без комплекси кои ќе можат паралелно да ја следат наставата со нивните врсници, без притоа да имаат проблеми и заостанувања.

Свое излагање имаше и Билјана Божиновска, професор по математика и родител на дете со дислексија, која на совршен начин ја прикажа реалноста со која се соочуваат сите родители на овие деца.

Кога на нејзиното дете во четврто одделение му била констатирана дислексија, таа немала многу информации за оваа состојба и едноставно не знаела каде да побара помош.

Божиновска ќе каже дека она што е потребно е да се констатира состојбата на време, затоа што има можност преку разни техники децата да го совладаат читањето и пишувањето и да го продолжат образованието.

„Овие деца се натпросечно интелигентни, но имаат поразвиена десна хемисфера, а помалку лева, каде што се наоѓа центарот за читање и пишување. На децата им е потребен стручен надзор и помош од наставниците за да можат полесно да ги совладаат програмите. Наставниците мора да работат со нив, да читаат за оваа состојба за да знаат како тие деца се чувствуваат и само така ќе можат да им помогнат. Наставниот кадар сè уште не е способен да ја препознае оваа состојба, а тоа мора да се смени, така што ќе се интегрираат разни упатства и насоки за тие полесно да се соочат со овие деца“, вели таа.

Она што е особено важно да се издвои, а што таа го спомена, е дека е потребно што е можно повеќе да се дискутира за проблемот, а не да се крие, бидејќи тоа не е ништо од што треба да се срамиме.

„Сите треба да знаат за каква состојба станува збор за да немаат погрешни заклучоци, за да не мислат дека детето е мрзеливо и какво уште не. Мора да знаат како тоа се чувствува одвнатре, за да може да му се помогне“, вели мајката.

За крај, таа посочи дека е потребно Македонија што побрзо да го примени искуството од развиените земји и да пронајде начини како да ги едуцира наставниците за оваа состојба.

Потребно е да се подигне свеста кај локалните власти за потребата од нивно вклучување во процесот за креирање инклузивни образовни услови за учениците со дислексија.

А за родителите, што побрзо прифатите и признаете дека вашето дете има дислексија, која впрочем не е ништо страшно, толку побрзо ќе му помогнете да биде подеднакво прифатен како и сите останати деца.

Објавено:
31 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
506 пати