Неша Галија во Скопје: Емотивно враќање во младоста

26 август 2019

За значењето и популарноста на нишката група „Галија“ можат најдобро да посведочат оние што растеа во 1980-тите, па и 1990-тите во Југославија.

Еден од култните бендови на југословенската рок сцена, со богата дискографија, група која беше предрупа на Џо Кокер и Боб Дилан, која снимаше и продуцираше во странство и чие постоење трае од 1976 година, се едвај неколку зборови, кои секако не се доволно за да се претстави нивното значење на музичката сцена, но и кај народот.

фото извор: https://www.facebook.com/galijamakedonija

Ненад Милосављевиќ, заедно со неговиот брат Предраг и останатите членови, кои низ годините се менуваат, создаваат песни - сведоштва за едно минато време. Постојат песни, како на пример „Старе трубе“, кои се сметаат за некои од најубавите патриотски песни на времето, а кои луѓето и тогаш, а и сега, ги доживуваат како мошне весели, лесни и певливи.

Авторот Радоман Кањевац е заслужен за голем дел од популарноста и значењето на групата, создавајќи ги за нив некои од најзначајните и најпознатите стихови.

 Но, веројатно ништо од тоа не би било така впечатливо и автентично, да не е специфичниот глас на Ненад Милосављевиќ, кој викендов имавме можност да го слушаме во Скопје.

Неша Галија и дел од неговиот бенд, настапија во комплексот „Старо буре“ во Кучково и нè вратија во младоста. Воедно нè потсетија што значи песна со приказна, која звучи совршено, која и да е годината кога се изведува.

Музиката на „Галија“ спои повеќе генерации. Од оние што ги споменав на почетокот, до новите, кои можеби знаеја и само две песни, но дојдоа да видат кој ги изведува и да уживаат.

Имаше и такви кои повеќе дојдоа ради атрактивниот амбиент на комплексот и нови лајкови, без да се свесни кој пред нив настапува.

 „Гледам те неким другим очима...“, почнаа стиховите, почна и аплаузот. „Додирни ме“, „Старе трубе“, „Можда сам луд“, „Зоне“, „Котор“, „Још увек сањам“, „Дали си спавала“, „Кад ме погледаш“, се само дел од хитовите во кои присутните добро се забавуваа и кои им измамуваа аплаузи и насмевки.

Неша Галија, како чест гостин во Македонија, ја поздрави публиката на македонски, а ја изведе и „Џипси сонг“ од Влатко Стефановски. 

Два часа без пауза траше ова музичко задоволство, после кое повторно се навраќате на песните на „Галија“. 

 

 

 

 

Објавено:
26 август 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
215 пати