„Next Time“ пред преполн театар ја промовираа преработката на „Нешто ќе те питам бабо“

26 март 2019

Вечерва во Драмскиот театар во Скопје, дуото „Next Time“ ја промовираше својата преработка и видео записот на старата македонска народна песна „Нешто ќе те питам бабо", пред преполн театарски храм.
По преработката на старите македонски песни „Ја излези Ѓурѓо" и „Слушам кај шумат шумите", кои уживаат голема популарност, познатото македонско дуо реши да одговори на предизвикот и да направи уште една преработка, која според реакциите на присутната публика, ја очекува успехот од претходните две песни.

„Веруваме дека и по трет пат ќе ве направиме горди и заедно ќе ја зачуваме македонската песна" им порачаа на своите фанови Мартин и Стефан.

Никола Мицевски и овојпат направил маестрално дело, успевајќи да им го даде вистинското место на народните инструменти во новиот аранжман, додека режијата на спотот од светски ранг, ја потпишува познатиот режисер Огнен Шапковски, а продукцијата зад целиот проект е „Мелем продукција".

Особено автентичен печат на визуелната приказна во видео записот и даваат фантастичните костими што ги изработи етаблираната модна куќа Елена Лука, која преку својата уметност успеа да го долови архаичниот дух на нарацијата која не враќа назад во историјата.

„Сакаме да и се заблагодариме на Елена Лука за одличната професионала соработка и на целиот тим кој што успеа да и даде посебен печат на целата идеја", велат „Next Time“ во видеото од „зад сцената", а кое беше увертира во официјалниот видео запис на песната.

Водителката на промоцијата, Каролина Петковска, беше стилизирана во уникатна, впечатлива комбинација од модниот бренд Елена Лука – шик сако со плисирани детали во спој со елегантни црни панталони.

Стефан за fashionel.mk ја посочи и инспирацијата во дефинирањето на изгледот на костимографијата, а која го доловува духот на едно минато време, за што се погрижи модниот бренд Елена Лука.

„Целта ни беше преку костимографијата да не влеземе премногу во традиционалното, туку да споиме некој период од историјата и модерното време", изјави Стефан за fashionel.mk.

Интересна е и комбинацијата на локации каде што се снимаше спотот, па овој пат покрај пространите планински предели, во целото сценарио е вметнат и ентериер што автинтично го доловува амбиентот на приказната.

"Специјално за овој спот беше монтирана просторија автентична на историското време во кое се случува приказната, а повторно се застапени и пејсажи снимени низ Македонија", изјави Стефан за fashionel.

Громогласниот аплауз на публиката по промоцијата на преработката, најавува уште еден безвременски хит на Next Time.

Уживајте во видео записот...

 

 

Објавено:
26 март 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.244 пати