Ноќта е најтемна пред разденување - Игор Исаковски

19 септември 2017

На денешен ден (19 септември) во 1970 година во Скопје е роден големиот, современ поет, прозаист, преведувач и уредник, Игор Исаковски. Замина на 15-ти декември, 2014 година. Имаше само 44 години и голем багаж поезија зад себе.

Фото извор: Фан страна-Игор Исаковски

Читате стихови од неговата „Ноќта е најтемна пред разденување"...

МИЛО СОНЦЕ
мило сонце,
ќе ме затечеш пак тука
меѓу пијаници, клошари
и пропаднати коцкари
пак ќе ме огрееш
божествено рамнодушно
полно себе, полно светлина
која убива во поим
мило сонце, ќе ме затечеш
меѓу тетки и малолетнички
никаде ја нема жена ми
(можеби зашто спие со нашите деца...)
пак ќе ме огрееш
болно до непрепознавање
како лик разурнат
во парчиња огледало
09.07.2009 21:05

ЗАЛЕГНАТ ВРЗ СТИХОВИ
стихови имам насекаде
околу мене, лебдат низ воздухот
ми треперат под прстите
како оган пред цигара
ми се пикаат во косата
ме чешаат под носот
ми го гребат грбот
ме пречекуваат во креветот
како нежна топла мазна жена
ми лазат по нозете ми ги лижат
градите стиховите ми се пикаат
во папокот и таму длабат
насекаде околу мене стихови
врз мене стихови и под мене стихови
како нежни пеперутки како златна прашина
бегаат пред допирот како јато неми риби
во рибникот на небото кое златно свети
златно како молчење
18.06.2008 15:48

СМИСЛАТА НА ЕДНА НОЌ
што правам јас овде,
да му се сневиди, зошто
воопшто гледам низ некаков
ебан и недочистен прозорец...
што со мене, овде на патот
од бајти и бити и заборавени средби...
ме гледаш ли во стиховиве, ме наоѓаш
ли? јас сè потешко: сам себеси да се бараш
низ магли од сеќавања и низ допири за кои
се сомневаш дека се измислени, тоа дури
и за мене е пренапорно... да не мислам за
бесмисленоста. да не мислам: студи вечерва.
студот ми се прикрадува како алчен грабливец,
јас се греам на слики кои можеби се случиле,
се ложам со мириси кои можеби ме натопувале,
ангелска машина од собрани трошки време.
ја слушам музиката на земјата, отсвирена
низ оркестар од голи коски и студени ветрови.
пред мене пат од исправени линии, пред мене
исправен стои светот натопен во студ и насмевки.
пак истото прашање, а одговорите молчат
како празни гробници... оркестарот е на вечна
проба и постојан распит. во зборовите се пласти
мемла и зеленикава патина од талози: просто време.
што правам овде, која е смислата на ноќва?
можам ли да осетам, или само можам да мислам?
ќе знам ли да одговорам кога ќе ме прашаат, или
ќе молчам како удрен немтур болен од сеќавања?
26.04.2009 00:23

 

Објавено:
19 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
456 пати