Нова доза креативност и дизајн на Skopje Design Week

24 ноември 2016

Многубројна публика, заедно со претставници на дипломатскиот кор, од државните и националните институции, како и дизајнери, уметници, професори, студенти и млади претприемачи, го исполнија просторот на Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, на отворањето на шестото издание на Skopje Design Week вчеравечер, кое ќе трае сè до 27-ми ноември во Скопје со мото „Blooming Makers“.

-Очекуваме издание кое ќе има огромно влијание врз младите и креативците преку сето она што ќе имаат можност да го видат, слушнат и научат за време на фестивалските денови кои следат – изјави Тамара Георгиевска, менаџер на Skopje Design Week.

По свеченото отворање на Главната изложба „Blooming Makers“, изложбата на земјата во фокус – Австрија и патувачката изложба „Young Balkan Designers“, во „Јавна соба“ следуваше енергичниот прв скопски концерт на младата и прогресивна белградска група „E-Play“. Групата ја карактеризира дисторзиран бас, драм’ен‘бејс ритми и атмосферични гитари. Главното оружје на групата се силниот ритам што го прават Маја Цветковиќ, девојка на бас-гитара, и Горан Љубоја Трут (некогашен тапанар на Рамбо Амадеус) на тапани. Ритамот е следен од женски вокали и гитарски теми.

-По шести пат Неделата на дизајн во Скопје се посветува на промовирање на нови македонски брендови, иноватори, ни ги носи актуелностите од светската дизајн сцена претставувa една светска дизајн велесила и традиционално се посветува на регионот. Зрелоста на самиот фестивал се огледува во зрелоста на излагачите  кои се претставуваат, а работната агенда е повторно сериозна и инспиративна. Во следните пет дена Скопје ќе дише со креативна позитивна енергија во ритамот на дизајнот изјави Марта Наумовска – Грнарова, менаџер на експо зона на Skopje Design Week.

Оваа година за првпат ќе бидат доделени награди за Најперспективен бренд и Студентски дизајн, а програмата ќе биде дополнета со две работилници за деца, музички настапи во живо секоја вечер на сцената во „Јавна соба", како и со кулинарски настани.

За сите вас што не успеавте да бидете дел од вчерашното отварање, веќе денес може да го направите тоа.

Со почеток од 16 часот, ќе почне сегментот на презентациите на „Skopje Design Week“. Прва ќе биде презентацијата на влијателниот дизајнер Зоран Једрејчиќ за трансформацијата на Белградскиот саем на мебел. Роден во Сплит, се школувал во Хрватска, Италија и Германија, соработувал со најзначајните светски дизајнерски компании, како „3М“, „Артизан“, „БРФ Колорс“ и други, со свое студио во Милано и во Белград, Зоран Једрејчиќ креираше сосема нов концепт на Белградскиот саем на мебел. На презентацијата ќе зборува за методите со кои Белград стана еден од европските центри на современиот дизајн на мебел.

Во 17 часот ќе се одржи презентацијата на „Дизајн Австрија“, платформа која ја носи земјата во фокус – Австрија. Дизајнерската платформа „Design Austria“ постои од 1927 година и во моментов има повеќе од 1.300 членови. Функционирањето на платформата е на принцип на интерфејс, односно ги поврзува интернационалната економија и креативните индустрии преку организација на изложби, конференции, публикации, натпревари и работилници.

Целта на платформата е да создаде идеални предуслови за работа на дизајн-индустријата. Исто така, платформата има висока компетентност во обуката на студенти, дипломци и постдипломци. Ги поддржува малите, средните и микро компаниите со советодавна функција и за компаниите за дизајн и за производните компании. Членството во платформата е отворено за сите заинтересирани.

-Не постои само еден клучен фактор за економски успех на одреден дизајн, бренд или компанија. Успешниот дизајн-бизнис е базиран креативноста, претприемачкиот дух, доброто претчувство, страста и напорната работа - потенцира Тамара Куниг од „Design Austria“.

„Проект Илица: Made in Ilica/ Old school Ilica“ на хрватскиот колектив „Оаза“ ќе има презентација во 18 часот. Проектот „Made In“, со кој колективот „Оаза“ се претставува на „Skopje Design Week“, е инициран од промените што се случуваат на локално и на глобално ниво и кои радикално ја менуваат сликата на градот. „Made In“ е истражувачки проект за познатата загребска улица „Илица“, за промените што се случуваат со нејзиниот традиционален изглед, а се реализира во соработка со жителите и соседите на улицата.

Целта на проектот е во процесот на дизајнирање, од идеја до продажбата на производите, да се користат исклучиво локалните и лесно достапни материјални ресурси и знаењето на локалните жители. Оваа платформа на „Оаза“ за ревитализација на локалната заедница со користење на алатките на социјалниот дизајн ќе биде инспиративно искуство за македонската дизајнерска заедница.

Во музичкиот сегмент вечерва, со почеток во 21 часот, во „Јавна соба“ ќе настапи прогресивниот македонски авторски бенд „Џун“. 

фото: Марко Костовски и Ања Калин

 

Објавено:
24 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
206 пати