Одмор во височина за најхрабрите

23 јуни 2022

Зависни сте од адреналин и копнеете за чувство на слобода? Се чувствувате доволно храбро да преноќите во „воздух" и вистински да се одморите од секојдневните обрвски и грижи? Совршеното место за вас постои и се наоѓа во Перу.

Skylogde | Фото: CNN

Луксузните стаклени капсули на Skylodge се поставени на 3658 метри висока планина во Светата долина Куско и се всушност ексклузивни висечки апартмани на хотелот Natura Vive опремени со кревети, трпезарија и приватна бања со еколошки тоалет и мијалник. Квалитетните душеци, памучни чаршафи, перници и јоргани обезбедуваат топла и пријатна ноќ.

Skylogde | Фото: CNN

Но, за да дојдете до овие проѕирни висечки спални соби, кои ви овозможуваат импресивен поглед кон мистичната долина, потребно е да искачите 400 метри. Сепак, на крајот од денот ќе сфатите дека напорниот пат вреди секој цент, земајќи предвид дека пакет од само едно ноќевање во капсулите вклучува појадок и гурманска вечера со вино, превоз од Куско и професионални двојазични водичи.

За првпат отворени во 2013 година, Skylodge капсулите се рачно изработени од воздушно-вселенски алуминиум и поликарбонат отпорен на временски услови.

Skylogde | Фото: Booking

Со димензии 7.3 м во должина и 2.4 м во висина и ширина, капсулите вклучуваат шест прозорци и четири вентилациони канали кои обезбедуваат удобна атмосфера. Безбедноста се осигурува со тоа што излезниот портал се наоѓа во горниот дел од капсулата.

Звучи возбудливо, нели? Погледнете како изгледаат The Skylodge Adventure Suites.

Објавено:
23 јуни 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
217 пати