Официјално е: „Медена земја“ влезе во трката за Оскар во две категории!

13 јануари 2020

Долгоочекуваните номинации за „Оскар“ се случија денеска. Американската филмска академија ги објави петте натпреварувачи во секоја од категориите, а „Медена земја“ е и официјално номинирана за престижната награда и тоа за Најдобар документарен филм и Најдобар странски филм, што ќе биде прв таков успех на некое остварување од Македонија.

Членовите на Академијата до 7 јануари 2020 година гласаа за потесниот избор на филмови во девет категории откако скратените листи беа објавени на 16 декември.

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава" и јужнокорејскиот „Паразит" на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма", и уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм е во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од 91 пријавен.

Без разлика што ќе се случи на 9.февруари за кога е и закажано годинашното издание на „Оскари“, „Медена земја“ веќе освои голем број престижни награди, но уште повеќе ги освои срцата на гледачите ширум светот и се запиша во историјата!

Честитки до целиот тим на „Медена земја“.

Доколку сè уште не сте го погледнале, филмот повторно се прикажува во кино „Милениум", од денеска во Кинотеката, а од 16 јануари и во киното „Синеплекс".

А еве ја и нивната реакција:

„Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена земја" во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Ова е првпат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР“, изјави тимот на „Медена земја": режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцент и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума.

 

Објавено:
13 јануари 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
5.027 пати