O’Parrucchiano: Вкусна храна, прекрасен амбиент и миризлива градина со лимони

14 август 2023

Летно време доколку сме во можност сакаме да јадеме на отворено, а овој пат, во дестинации вредни да се посетат, ќе одвоиме еден прекрасен ресторан во Соренто, Италија.

Станува збор за O’Parrucchiano каде секој сладолед, тестенини, пица и коктели имаат посебен шмек.

Отворен е уште во далечната 1868-ма година од страна на свештеникот Ентони Ерколано, како место за готвење, кое подоцна станува и малечка траторија со име La Favorita.

Ентони по кратко време го остава свештенството зад себе и се посветува на водењето на ресторанот кој станал прилично посетено место.

Со оглед на тоа што немал наследник, La Favorita кој се преименувал во O’Parrucchiano, или Свештеник, останува во наследство на неговиот внук Џузепе Мануел.

Тој ја проширува малата траторија која станува едно од омилените места за јадење на многу светски патници.

Освен препознатливата медитеранска кујна и познатите канелони, коишто се создадени тука во 1907-ма, ресторанот привлекува и со бајковитата градина со лимони и цвеќе.

Внатрешноста е исто така пространа и со големи прозорци коишто овозможуваат уживање во градината и оттаму.

Фото:Instagram

Објавено:
14 август 2023
Категорија: 
Култура