Оскари в недела: Интересни факти за претстојното издание

23 април 2021

Новото издание на „Оскар“ е закажано за в недела, 25 април. Деновиве се актуелни разни приказни за номинираните филмови и уметници, но покрај тоа има и интересни факти кои можеби не сте ги прочитале, а ние ќе ви ги откриеме во продолжение:

Борат веќе сруши рекорд

Филмот кој е номиниран во категориите за најдобро адаптирано сценарио и најдобра споредна женска улога, го сруши рекордот за номиниран филм со најдолго име во историјата на манифестацијата. Целосниот назив на филмот е  Borat Subsequent Moviefilm: Delivery of Prodigious Bribe to American Regime for Make Benefit Once Glorious Nation of Kazakhstan - има 110 карактери, додека претходниот рекорд изнесувал назив на филм со 85 карактери.

Добитничката на Златен глобус за  најдобра споредна женска улога, за првпат не е номинирана за Оскар

Некои номинации од Златните глобуси се подразбираат и за Оскар. Па најчесто, личноста која ќе биде наградена со Златен глобус добива макар номинација за Оскар, ако не и статуетка. За првпат, после 1976 година, добитничката на Златен глобус за најдобра споредна улога не е номинирана за Оскар. Тоа е Џоди Фостер за улогата во филмот „The Mauritanian“. 

Оскар за најдобра машка и женска главна улога од ист филм

-Не се знае кој ќе победи во овие категории, но шансите статуетките за најдобра машка и  најдобра женска улога да се од ист филм се големи - Чедвик Боузмен и Вајола Дејвис кои се колеги во филмот „Ma Rainey's Black Bottom“. Вакво нешто последен пат им успеало на Хелен Хант и Џек Николсон за улогите во филмот „As good as it gets“ од 1998.

Глен Клос е и најдобра и најлоша актерка

Глен Клос, 74 годишната актерка во моментов го држи рекордот за актерка со најмногу номинации, но ниту еден освоен „Оскар“. Годинава е номинирана по осми пат и тоа за улогата во филмот „Hillbilly Elegy“, која ги подели мислењата на публиката и критичарите. Така, оценката за нејзината глума во филмот се движи од 26% (критичари) до 84% (гледачи). Исто така, Глен е номинирана за Оскар за најдобра улога и за Златна Малина за најлоша улога  - за истото остварување!

За првпат во историјата на Оскарите две жени се номинирани во категоријата за најдобра режија

-Грета Гервиг беше последната жена номинирана во категоријата најдобра режија, во 2018 за филмот „Lady Bird“, додека пак Кетрин Бигелоу е единствената што победила во оваа категорија во 2010 за остварувањето „The Hurt Locker“. Оваа година се номинирани две жени - Клои Жао (Nomadland) и Емералд Фенел (Promising Young Woman), а истите имаат и номинација за најдобро адаптирано, односно оригинално сценарио.

Вајола Дејвис има номинација за Оскар за мало времетраење на екранот

За номинацијата во категоријата најдобра главна женска улога, Вајола Дејвис се појавува вкупно 26 минути и 41 секунда од филмот „Ma Rainey's Black Bottom“. Тоа значи дека таа на екранот се појавува помалку од двете актерки номинирани во категоријата најдобра споредна улога - Марија Бакалова (40 минути) и Оливија Колман (35 минути). Ова е втор пат Вајола да биде номинирана со мала минутажа на екранот, првиот пат тоа беше за најдобра споредна женска улога во филмот „Doubt“ од 2009 година, кога ја гледавме само осум минути.

 

Објавено:
23 април 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
144 пати