Остани дома! Остани во чекор со „Танец“ и гледај ги нивните концерти онлајн

19 март 2020

Секојдневно ни пристигнуваат убави вести за збогатување на времето кое го поминуваме дома периодов. Така, Националниот ансамбл „Танец“ ќе ги израдува сите љубители на фолклорот, овозможувајќи им да ги гледаат сите концерти на Танец од минатата година онлајн.

„Почитувани љубители на македонскиот музичко-сценски фолклор, со оглед на состојбата со Коронавирусот, „Танец" секоја сабота (почнувајќи од 21.3.2020) на својот Јутјуб канал ќе ви овозможува ексклузивно следење на сите негови концерти од минатогодишната јубилејна сезона, која што се одвиваше под мотото „Остани во чекор". Серијата концерти одржани во 2019 година, во знакот на 70-годишнината од основањето на ансамблот, беа снимени во рамките на посебен проект, кој НУ „Танец" лани го стартуваше како дел од новата стратегија за заштита на културното и нематеријалното богатство. Овие концерти (Велигденскиот и Јубилејниот концерт во МОБ, Новогодишниот концерт во МНТ, концертите во Струмица, Прилеп, Охрид, Велес и Битола, како и два концерти од минатогодишните гостувања на ансамблот во странство) се во трајна сопственост на институцијата и тие се достапни за сите оние медиуми кои што ќе имаат интерес да ги емитуваат“, велат од институцијата.

Првиот концерт што ќе биде емитуван оваа сабота е спектакуларниот Јубилеен концерт „70 години – Остани во чекор" одржан на 25 јуни во Националната опера и балет, а тој како и сите следни концерти ќе биде достапен за еднонеделно гледање. Најавите за сите следни концерти, како и поединостите за истите, редовно ќе ги добивате на Фејсбук страницата на „Танец“.

За да бидете во чекор со „Танец", а притоа и да бидете дома, не се потребни никакви посебни дополнителни помагала, освен вашите компјутери, таблети или паметни телефони. 

Линк - Јутјуб канал на „Танец“

Линк - Фејсбук страна на „Танец“

Објавено:
19 март 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
617 пати