#ОставиПечат на Скопје Стрит Фестивал

7 јуни 2017

Овој викенд, стартувајќи на 09- ти Јуни, петок со почеток во 17.00 часот, во Градски Парк, по петти пат, ќе се случи Скопје Стрит Фестивал. Фестивалот е отворен, без карти, и оваа година вклучува пет стејџа: графити, стрит бол помеѓу познати скопски кафулиња, денс стејџ во поддршка на Битрикс, стрит форум заедно со МладиИнфо, музички стејџ и многубројни креативни работилници. Организатор на настанот е агенцијата за организирање настани, Подиум Македонија.

Организаторите најавуваат одлично, петто роденденско издание, со огромен број на креативни, забавни и едукативни концепти, врзани на една платформа која урбано го буди Скопје. Скопје Стрит Фестивал во изминатите пет години бил домаќин на повеќе од 200 артисти од Македонија, регионот, а и од светот и повеќе од десетици илјади посетители. Оваа година фестивалот има мото, #ОставиПечат и ги повикува сите граѓани кои сакаат да придонесат Скопје урбано да заживее, да бидат дел од настанот.

Годинава за првпат во рамките на Скопје Стрит Фестивал ќе се одржи и Стрит Форум, уникатен формат кој ќе има за цел да ги спои во едно урбаноста, солидарноста и уметноста. Форумот насловен „Мој град – мој печат" ќе биде организиран во соработка со Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал, а ќе се состои од три делови: „закуска" – скопски урбани ликови како Пеце Суперхикс, Зорица Црношија, Ана Трпеска, Маја Казакова и Пеше (Греен Оут и Легијата) ќе ја раскажат својата приказна за печатот што го оставиле на Скопје; главна дискусија – графити уметниците, иницијативата „На точак" и Здружението на студенти и младинци со хендикеп ќе зборуваат за уметноста и солидарноста во главниот град; и последно - работни групи каде што ќе се изработуваат препораки за едно поурбано Скопје. Супер форум со едноставен формат и неформални методи, каде што секој може да придонесе за Скопје да го направиме поубаво место за живеење.

На ова петто роденденско издание на задоволство на огромен број граѓани, на главен музички стејџ ќе имаме можност да го видиме мега популарниот уличен артист, Dub FX. Програмата е надополнета со супер листа на македонски артисти меѓу кои: Бета Хаус, Фанки Фреш (Гоце САФ, Чваре и Страјк), Game Over, диџеј Славе, а од Србија го имаме Red Hot Chili Peppers (Tribute band), а на Win Music Freedom корнер, диџеј Маци и диџеј Флудер.

Не го пропуштајте петтото издание на единствениот отворен фестивал за урбана култура, Скопје Стрит Фестивал.

Објавено:
7 јуни 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
283 пати