Отворено шестото издание на „Скопје креатива“

5 мај 2017

Со обраќање на организаторите и креативниот тим на фестивалот на креативни индустрии „Скопје креатива 2017" (Вера Бошковска, директорка на Конгресен центар „Александар Македонски", Иванка Апостолова, програмска директорка на „Скопје креатива 2017" и Иван Мирковски, куратор на фестивалот) во присуство на бројни гости и учесници вчеравечер беше отворено шестто и досега најобемно издание на овој фестивал, под покровителство на Град Скопје.

-Со идеја да се спојат сите креативни потенцијали што може да ги има едно општество со економијата и бизнис секторот, на Скопје по шести пат ќе му се случи фестивалот за креативни индустрии. Манифестацијата овојпат се одвива под мотото „Креирај и кокреирај" (Do Create! Co Create!), а почнува со досега најголем број на пријавени учесници и со бројни проекти за кои се очекуваме да разбудат вниманието – рече Вера Бошковска, директорка на Конгресен центар „Александар Македонски".

По официјалниот почеток, галеријата и фоајето на Младински културен центар се наполнија со публика, која можеше да погледне изложби на прототипи, поп-ап изложби, проекти како „Виртоскоп" на Газменд Ајруловски (виртуелна реалност), „Тактилис" (моден дизајн), „Македонска мушичка" (брендирање), „Мириса на дожд", промоции на фото-книгата „Разгледници од Македонија", аудио-книгата „Играчките на д-р Бре", стрипот „Црната аурора"... За одличната атмосфера во преполниот МКЦ придонесоа и момците од џез трито „IMAGINARY FOLKLORE" (Лео Џеновезе - пијано, електроника, саксофон, ударни инструменти и вокали, Франческо Марокочи - контрабас, ударни инструменти и вокали и Александар Петров - перкусионист), кои од отворената сцена ги раширија звуците на џезот, етиопската и музиката на Гана, традиционалната и современа класика, балканската и јужно-американската музика.

-Креативните индустрии се општествен капацитет, тинк-тенк на идеи кои секогаш е релевантен двигател на градот, но во исто време и катализатор што отвора многу полиња на комуникација со светот. Од тука и идејата за овогодишната тема на фестивалот „Скопје креатива 2017", „Креирај и кокреирај" што се поставува пред граѓаните воедно треба да генерира предизвици, да создаде нови и свежи методолошки пристапи кон самиот процес на таа соработка - рече Иван Мирковски, кураторот на манифестацијата.

За програмскиот дел зборуваше Иванка Апостолова, која од бината во МКЦ порача дека конципирање и организирање на фестивал не е едноставна работа, напротив дека е многу одговорна и прекрасна ангажираност.

-„Скопје креатива" – фестивал за развој на креативните индустрии во земја со скромно производство и минимална индустрија, одразува контрадикторен предизвик за натамошен развој на фестивалот во насоки што ја зацврстуваат и промовираат локалната платформа на уметноста, дизајнот и креативните индустрии – рече таа.

Во програмата се триесеттина настани во три деноноќија, изложби, проекти, работилници, предавања, промоции и проекции, концерти и диџеј-сетови.

Денеска случувањата ќе започнат со детската работилница „Креативно Скопје – Градот на иднината". По неа следуваат средбите со Марија Ветеровска и онаа со Теодор Лихо од Бугарија, а во џебно кино е предвидено да одат театарска претстава и проекции на Катедрата за филм. Од 17 часот ќе биде реализирано предавањети на Дорина Арапи, дизјанерка од Албанија. Тука е и перформансот „Јас и ти" на ДАСТА и интерактивната работилница „Пикселизација", а денот ќе биде заокружен со сетот на диџејката Ивана Низам.

Утре (сабота) воведот е именуван како „Мириса на дожд" и претпоставува работилница за изработка на мантили за дожд. Потоа следува шестчасовниот Фестивалскиот форум во чии рамки треба да се обистинат предавањето на Франк Циренберг од Германија, уште една работилница – онаа за стоп анимација, па настанот „Розалии" и презентацијата на проектот „Природата не повикува". За издвојување се и проектот „Уметноста на кукленото мајсторство" со Изабела Новотни и посебно разработката на темата „Креативни индустрии – спектар на можности или затворен круг на идеи?" каде гости ќе бидат дизајнерката Гордана Вренцовска и архитектот Мишко Ралев. Конечно, завесата на „Скопје Креатива 2017" ќе биде спуштена со музичкиот одбир на диџејката Виолета Качакова.

Објавено:
5 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
93 пати