Покрај импозантната листа на музички артисти, во чии рамки само досега своите настапи ги потврдија повеќе од 40 изведувачи, Д Фестивал за годинашното издание подготвува подеднакво атрактивна и интензивна дополнителна програма која со бројните случувања ќе го збогати незаборавното тридневно доживување. Во овој дел од програма посебно нѐ радува што и годинава специјален гостин на Д Фестивал е МакеДокс, фестивалот на креативен документарен филм кој со своето Патувачко кино од 14-ти до 16-ти јули ќе го пречекаме во Дојран каде што ќе ни пренесе дел од својата автентична атмосфера!
Фото извор: Д Фестивал - Дојран
Патувачкото кино е дел од МакеДокс уште од првата година. Со цел да се задоволи потребата за културна децентрализација и реанимација на руралните области во Македонија и желни да ги споделат прекрасните документарни филмови со што е можно поголем број на луѓе, тимот на МакеДокс го иницира Патувачкото кино кое секоја година посетува нови села и помали градови во различни региони од Македонија. „Но, нема бесплатен ручек, јасно, тоа го правиме и за нас. Таму сретнуваме луѓе кои живеат во средини незагадени од стрес, брзање, состаноци, шизми од онлајн-офлајн преклопувања, знаат да те научат и понекоја лекција. Понекогаш со некоја мала досетка, понекогаш со некое, за урбаните ликови, непријатно молчење и застаклени очи. Животот на прв поглед изгледа поедноставен, но, реално, кога бил едноставен? И кога бил комплициран?" – порачува тимот на МакеДокс.
Оваа година патувачкото магаренце на МакеДокс ќе се шета низ околијата на Македонски Брод и порече од 12-ти до 25-ти јули, а овие наши пријатели ќе скокнат да нѐ посетат и на Д ФЕСТИВАЛ, со пригодна музичко-документарна програма спакувана во својата препознатлива магична атмосфера.
Со Патувачкото Кино на МакеДокс, на Д Фестивал имаме прилика да ги погледнеме одлични музичко-документарни филмови од нивната топ-селекција како: „Секс за шуми" (Режија: Михал Марчак), „Мојот превртен свет" (Режија: Петра Селишкар), „Во потрага по Фела" (Режија: Алекс Гибни), „Чија е оваа песна?" (Режија: Адела Пеева) и други, а покрај филмските проекции, посетителите ќе можат да се приклучат и во „ДОКУНИКУЛЦИ", работилницата за креативен документарен филм. За овој дел од програмата „МакеДокс" е во потрага по дванаесетмина величествени на возраст од 15 до 18 години, кои сакаат да учествуваат во работилница и порачуваат:
„Сакаме млади луѓе кои имаат храброст да се изразат креативно и слободно, кои ќе бидат спремни да се впуштат во една незаборавна авантура."