Почина драматургот Горан Стефановски

27 ноември 2018

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“. (Тетовирани души)

Во медиумите вечерва одекна тажната вест за заминувањето на авторот Горан Стефановски. По кратко боледување, тој почина 66. година од животот, во место блиску до Лондон. 

Горан Стефановски е роден во Битола во 1952. Завршува Филолошки факултет во Скопје, на катедрата зс англиски јазик и книжевност. Студира драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград каде што и магистрира на тема „Сценските напатствија како основа на драматургијата на Семјуел Бекет".

Во текот на животот работи во драмската редакција на Телевизија Скопје, а потоа како асистент на скопскиот Филолошки факултет. Од 1986 година станува професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Од 2004 година е и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Драмите на Горан Стефановски имаат нешто заедничко: преку трагедијата на едно семејство, Стефановски ја предава историјата на македонскиот народ, преку сите свои болки и рани, со социјалните неправди, политичките разијдувања, стремежот за подобро утре. Добитник е на наградите „Стале Попов", „11 Октомври", „Стериина награда", „Војдан Чернодрински".

Ова е голема загуба за македонската културна јавност. Познати личности и обожаватели на неговите дела, се простуваат од него, цитирајќи негови мисли, од преку 30 драми, сценарија за ТВ-филмови и серии, либрета и радио драми меѓу кои и „Дупло Дно", „Чернодрински се враќа дома", „Тетовирани души", „Зодијак", „Наши години" итн.

На некои ве потсетуваме во продолжение:

 - Луѓето копнеат да умрат. Основците копнеат да станат гимназијалци, гимназијалците студенти, студентите да најдат работа, вработените да се оженат, оженетите копнеат по стан и да им пораснат децата за мирно да си се пензионираат, пензионерите копнеат по здравје, а сите копнеат да умрат и мртви копнеат да се родат за пак да се условно живи, во нов расчекор со себе. (Дупло Дно)И

-Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. (Тетовирани души)

-Има помалку души одошто луѓе. Знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да лутаат неспокојно. (Жив Човек)

-Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино. (Диво Месо)

-Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот. (Дупло Дно)

 

Објавено:
27 ноември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
832 пати