Почина легенгарниот пионир на францускиот „Нов бран“, Жан-Лук Годар

13 септември 2022

Познатиот француско-швајцарски режисер, сценарист и филмски критичар Жан-Лук Годар почина денес на 91-годишна возраст во својот дом во Рол, Швајцарија.

Делата на Годар, познат како пионирот на „Новиот бран" (Nouvelle vague) во француската кинематографија, создадени во доцните 50-ти и 60-ти години, беа клучни за тогашната револуција во филмот.

Роден во Париз во 1930 година, Годар пораснал и се школувал во Нион, на брегот на Женевското езеро во Швајцарија.

Фото: BBC

Годар беше признат како еден од највлијателните режисери во 20 век, заедно со великаните како Франсоа Трифо, Клод Шаброл, Жак Риве. Според „Rollinstone", тој ги урна холивудските конвенции, инспирирајќи генерации филмаџии по него да ја прифатат креативната слобода за која не знаеле дека е можна. Годар се смета за најрадикален француски режисер од 1960-тите и 1970-тите, чии филмови честопати ги изразувале неговите политички ставови, наедно критикувајќи ја и холивудската филмска индустрија и бирократските системи.

Дел од неговата богата листа на филмски ремек дела ги фклучуваат насловите: „До последниот здив" (1960), „Жената е жена" (1961), „Живеј го својот живот"(1962), „Мал војник" (1963), „Карабинери" (1963), „Презир" (1963), Необична банда (1964), „Мажена жена" (1964), „Алфавил" (1965), „Лудиот Пјеро"(1965), „Машки, женски" (1966), „ Произведено во САД" (1966)...

Неговиот филм „Без здив", кој го прослави актерот Жан Пол Белмондо, се смета за еден од најдобрите филмови направени во историјата на светската кинематографија.Неговото дело имало силно влијание врз творештвто на подоцнежните генерации на режисери, како Пјер Паоло Пазолини, Бернардо Бертолучи, Мартин Скорсезе, Квентин Тарантино, Стивен Содерберг, Роберт Алтман, Вим Вендерс, Џим Џармуш, Вонг Кар Вај...

Објавено:
13 септември 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
187 пати