Почина Роџер Мур - омилениот Џејмс Бонд

23 мај 2017

Британецот Роџер Мур, најпознат по улогата на Џејмс Бонд, почина денес, на 89-годишна возраст во Швајцарија.

Актерот ја изгуби битката со ракот, болест со која се бореше, а тажната вест ја соопшти неговото семејство, преку соопштение споделено на официјалниот Твитер профил на актерот.

Во соопштението се вели: „Со тешко срце мораме да соопштиме дека нашиот сакан татко почина денеска во Швајцарија, после кратката, но храбра борба со канцерот. Љубовта со која беше опкружен во последните денови од неговиот живот не може да се опише со зборови.

Сигурни сме дека нашата љубов и восхит ќе биде повеќекратно зголемена, насекаде низ светот, од луѓето кои го познаваа преку неговите филмови, серии и неговата страст кон работата за УНИЦЕФ, која ја сметаше за негово најголемо достигнување.

Возбудата што нашиот татко ја чувствуваше при секое појавување на сцената или пред камерата, го одржуваше жив и активен дури и во 90-тата година од живот, сè до неговото последно појавување во ноември 2016 година во „London’s Royal Festival Hall“. Присутната публика го поздравуваше со овации и охрабруваше на и надвор од сцената, тресејќи ги темелите на зградата која е во непосредна близина на местото каде што е роден.

Ти благодариме тато, што беше тоа што си и што беше посебен на толку многу луѓе. Нашите мисли сега мора да ги насочиме кон Кристина и да ѝ дадеме поддршка во овие тешки времиња, а во согласност со желбите на нашиот татко, ќе се направи погреб во Монако, без очите на јавноста.

Дебора, Џефри и Кристијан“

Инаку, Роџер Мур е роден на 14-ти октомври 1927 година во Лондон. Во текот на кариерата глумел во повеќе од 50 остварувања, а дури седум пати се најде во улогата на агентот Џејмс Бонд (1973 – Live and Let Die;  1974 – The Man with the Golden Gun; 1977 – The Spy who loved Me; 1979 – Moondarker; 1981 – For your Eyes Only; 1983 – Octopussy; 1985 – A View to a Kill).

Објавено:
23 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.454 пати