Почина Тина Тарнер, Кралицата на рокенролот, во 83-та година во животот, мирно во нејзинот дом во Швајцарија по долго боледување.
Со освоени 8 Греми награди, магазинот Rollimg Stone ја стави на листата на Бесмртните – најголеми изведувачи на сите времиња и тоа можеби најдобро го опишува нејзиниот лик и дело – БЕСМРТНА и по смртта.
Ѕверка и жив оган на сцена, икона на стилот, борец, музичка легенда и жена со големо Ж кон која животот не секогаш бил нежен.
Родена како Ана Меј Булок во Тенеси на 26 ноември 1939 година, беше американска соул, R&B, танц, диско, поп, рок пејачка, актерка, танчерка и кантавтор.
Тарнер ја започна својата кариера во 1950-тите за време на раните години на рокенролот и еволуираше во феномен на Ем-Ти-Ви.
За да избега од токсична средина и насилство, остава зад себе се' - и богатство и дом и заедница, само за да се спаси и на 38 години почнува од нула повторно, а шест години подоцна се искачува (повторно) на врвот.
Тоа што животот не ја галел, ќе остави и здравствени последици врз неа, но и од тоа ќе излезе како победник. Пред три години по тој повод ќе изјави:
„Имам 80 години. Како мислев дека ќе изгледам на 80 години? Не вака. А, изгледам одлично! Се чувствувам добро. Поминав низ некои сериозни здравствени проблеми, но тоа е како да добив втора шанса за живот. Среќна сум што имам толку години. Знам дека мојата „авантура" со здравјето не е завршена, дека секогаш ќе постои уште еден преглед, уште една биопсија, уште еден доктор. Но, ја имам поддршката од сопругот, блиски сме како никогаш до сега и тоа е причина за славје".
За потестување, во 2013 има мал мозочен удар, а од последиците морала да учи одново да оди. Три години подоцна добива дијагноза дека ѝ откажува еден бубрег и дека има рак на дебело црево. Докторите ѝ отстрануваат дел од дебелото црево, но проблемите со бубрегот се влошуваат и во една прилика ќе изјави дека дури размислувала за евтаназија. Но, нејзиниот втор сопруг Ервин Бак ѝ донира бубрег, па Тарнер имала успешна трансплантација во април 2017.
Иако животот за неа не бил секогаш „simply the best", Тина од сето свое животно искуство создаде феномен и успеа да се изгради како музичка икона која апсолутно и револуционерно го промени ликот на музичката индустрија.