„Поезијата и медицината-другата страна“ нова книга на академик Нада Поп-Јорданова

16 октомври 2018

Во просториите на „Клуб Матица“ академик Нада Поп-Јорданова ја промовираше својата нова книга насловена како „Поезијата и медицината – другата страна “. Во присуство на пријателите и колегите, таа изрази големо задоволство што ѝ даваат поддршка.

-Не сум љубител на промоции, па првин помислив дека во ова време-невреме, не е соодветно да правам нешто вакво. Но, благодарение на моите пријатели, ова убаво време, си реков зошто да не – се пошегува академик Поп-Јорданова.

Рецезенти на ова нестарндардно издание беа проф.д-р. Јелена Лужина и проф.д-р. Владимир Мартиновски.

- Професорката се обиде да реализира една оксиморонска работа, да врзе две работи кои на прв, па и на втор поглед, тешко се врзуваат и успешно го направи тоа. Поп-Јорданова е вредна и многу упорна жена и зачудувачки е колку има трпение и страст да не застане во она што го прави во години кои не нè обврзуваат нешто многу се трудиме. Некој што е лекар и исклучително успешен дома, а уште поуспешен надвор, експерт во две области, медицинска психологија и детска хевропсихологија, ја следеше својата втора страст - уметноста. Поп-Јорданова има особина да ги поедноставува работите, како што тоа го прават големите експерти. Таа пишува толку стручно, а на толку едноставен јазик, што може да го декодира и чита и човек што не е експерт во овие области. Во овој случај решила да експериментира сон ешто што е нејзина паралелна окупација и што го практикува секој ден. Оваа книга може да се чита и да се препрочитува, па да стане дури и една од оние книги, не од тие што денес се модерни, за самопомош како да станете среќни, витки и не знам какви, туку може да ви помогне ситуации во кои ќе мислите дека сè оди по ѓаволите, но можеби има некоја надеж. Овде нема пресметка, ова е едноставна, комуникативна, срдечна, во секоја смисла убава книга која во целост го изразува ликот и душата на професорката Поп-Јорданова – потенцираше Лужина во излагањето на нејзината перцепција од читањето на „Поезијата и медицината – другата страна“.

На ова се надоврза и Владимир Мартиновски, кој го стави акцентот на интердисциплинарноста на делото и важноста од таквиот пристап.

- Првиот сегмент, поезијата, не ми беше изненадување, но вториот – медицината морам да признам дека ме изненади. Ова е прекрасна тема која има длабоки корени, која ја слави интердисциплинираноста во најубава форма. Колку денешната наука се обидува да се сретне со денешната уметност. Често се слуша дека поезијата е најбесполезната работа, која нема моќ да го смени светот ниту на подобро ниту на полошо, се надевам на подобро. Но, оваа книга е плод на интердисциплинарно истражување на две навидум далечни дисциплини. Сепак, книгата ни кажува дека се сè поблиски. Ова е прекрасно надополнување на претходните истражувања на авторката, пред сè на релацијата медицина музика – вели Мартиновски.

После официјалниот дел, академик Нада Поп-Јорданова ги поздрави присутните, а тоа беше шанса и со нас да ги сподели првите впечатоци:

-Возбудена сум, како и после секоја промоција. Инаку, не правам промоција на секоја книга, направив на првите две и сега на последните две, затоа што не пишувам за да правам промоции, туку од душа, за било кој проблем. Ова беше едно посебно истражување и се надевам дека ќе наиде на одзив кај сите што ќе ја прочитаат. Јас сум лекар и мислам дека во последно време малку холистички се третираат луѓето, оти болните се луѓе пред сè, имаат и чувства и страдања и радости, а тоа не се користи во цели за лекување. И музиката, поезијата, пишаниот збор, цртежот се дополнителни терапевтски методи или алатки и ова е апел прво на моите колеги, сета таа уметност да ја користат со таа цел.Ова е книга за секој читател, не е стручна, се трудев да биде разбирлива и на народен јазик – ни кажа Поп-Јорданова.

Како што споменавме книгата е во издаваштво на „Матица“, а веќе е во продажба.

Повеќе за биографијата на авторката можете да прочитате на линкот ТУКА, а во продолжение погледнете дел од атмосферата:

 

Објавено:
16 октомври 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
206 пати