Последната претстава на Томаж Пандур – „Фауст“ на сцената на МНТ

20 јуни 2016

На 24-ти јуни со почеток во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар ќе се одигра последната претстава на големиот режисер, сега веќе легенда на интернационалната театарска сцена, Томаж Пандур.

„Иако Фаустовата приказна се темели на средновековната легенда за човекот, кој ја продава својата душа на ѓаволот, таа говори за чувството на оттуѓеност на слободниот човек и неговата потреба за разбирање на себе  и светот во поширокиот контекст на универзумот. Пандур со алхемичен процес ја преобразува легендата за Фауст во интелектуална и емотивна атмосфера на нашето време и создава своја сопствена поезија и вистина. При вечната борба против сеприсутното зло, го нагласува бескрајниот копнеж кон се што ни е недостапно или неостварливо: кон семејството, љубовта, младоста, убавината", се вели во соопштението на МНТ.

Во улогата на Фауст настапува Игор Самобор, Бранко Штрубеј е Мефисто, Барбара Церар - Г-ѓа Мефисто, Полона Јух - Маргарета, Бранко Јордан - Валентин, Урош Фурст е Шеф на кабинетот и Роберт Корошец, Филип Самобор, Жан Перко и Матиц Лукшич како членови на кабинетот. Драматург и автор на адаптацијата на преводот на Божа Водушка и Ерик Воук е Ливија Пандур, сценограф е Свен Јонке (NUMEN), костимограф Фелипе де Лима, лектор Татјана Станиќ, дизајнер на видео Доријан Колунџија, композитор Примож Хладник и Борис Бенко (SILENCE) и дизајнер на светло Томаж Пандур.

Постхумно, на големиот словенечки режисер Пандур, ќе му биде доделена наградата за исклучителни достигнувања во областа на театарот во рамките на Интернационалниот театарски фестивал МНТ- ФЕСТ, на 24 јуни. Наградата ќе ја подигне неговата сестра, драматургот Ливија Пандур пред изведбата на неговата последна претстава Фауст.

Томаж Пандур

Објавено:
20 јуни 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
180 пати