Префинета елеганција и гламур: Наташа Поповиќ и Даница Стојанова блеснаа во креации на Елена Лука на отворањето на „Охридско Лето“

14 јули 2021

Со гала балетски концерт на Националната опера и балет „Големиот Чајковски“, вчеравечер беше отворено 61 издание на фестивалот „Охридско Лето".

Една од најпрестижните манифестации не само во домашни, туку и во светски рамки, ги отвори “вратите“ за љубителите на класичната уметност, но и за огромен број изведувачи, домашни и странски.

Директорката Наташа Поповиќ и музичката селекторка на фестивалот, пијанистката Даница Стојанова, како и целиот тим на фестивалот и овој пат се потрудија да подготват незаборавно издание, а истовремено и да изгледаат така - незаборавно.

Двете и овој пат довербата ѝ ја дадоа на модната куќа Елена Лука.

„Елена Лука лани за првпат беше дел од фестивалот, на наше огромно задоволство. Креациите што ги носевме навистина наидоа на многу позитивни критики. Оваа година на отворањето повторно е присутно и логото на брендот Елена Лука и сме многу среќни бидејќи навистина станува збор за перфектна елеганција, на бои, орнаменти, нешто што е впечатливо уште на прв поглед. Пандемијата беше многу тешка за сите нас и затоа лани се одлучив за фустан во боја што носи среќа, една црвено-корална нијанса и навистина беше прекрасна креација. Оваа година одбрав нешто поедноставно и во однос на боја, носам неутрална природна нијанса, но и во однос на крој, која соодветстувва на мојот карактер, бидејќи верувам во она дека „Less is More“.

Наташа Поповиќ и Даница Стојанова на минатогодишното издание на Охридско Лето

Инаку, ние во поканите напоменуваме околу дрес-кодот, но и пулбиката сама тоа го знае и доаѓа во вечерна гардероба, класична или помодерна. Посетителите знаат дека станува збор за најголемиот музички бренд на Балканот и последователно, имаат соодветна облека", вели директорката Наташа Поповиќ која додава дека и од моден аспект манифестацијата е префинета."

Наташа носи креација која ја следи линијата на телото, но на еден елегантен и достоинствен начин, сепак нудејќи комоција при дивежењето. Изработена од деликатна свилена ткаенина, дискретно е збогатена со светкави рачно пришиени елементи, како на горниот дел, така и на здолништето, додавајќи сосема соодветна доза на елеганција. 

Од друга страна пак, Даница Стојанова, која често соработува со модната куќа, ја видовме во долга романтична креација во ултра популарната пастелно жолта боја. Транспарентните нагласени ракави ѝ даваат дополнителна доза нежност, додека пак кројот на фустанот, кој подразбира широко здолниште, а потесен горен дел, на совршен начин ја истакнуваат нејзината витка фигура.

„Во сèкоја професионална соработка многу важен сегмент е довербата. Јас ја имам довербата на брендот Елена Лука, се препознавам во нивните креации, тоа што го барам со леснотија го добивам. Многу уметници се одлучиле да ја претставуваат модната куќа Елена Лука, токму поради тоа што нуди разноврстен стил, има естетика, приказна и уметнички гламур. Секоја креација е изработена со многу љубов и за мене тој момент е значаен. На моите концертни настапи секогаш размислувам која модна креација ќе ме разгали. Чести се настапите со креации од Елена Лука, Раде Василевски и Никола Булевски - овие три имиња се мојата приказна кога станува збор за модна сцена. Секако, во иднина останувам поврзана со брендот Елена Лука.

директорката и музичката селекторка на „Охридско Лето“ во друштво на министерката за култура, Ирена Стефоска

Минатата година бев иницијатор на идејата дека директорката и селекторката на ваков престижен и врвен фестивал Охридско лето, треба да бидат поврзани со еден од македонските брендови за мода, без размислување ја одбравме Елена Лука, и уживавме во нејзината привилегија. Имаше многи позитивни реакции од гостите на Фестивалот за нашиот изглед, кој не беше обичен. Се присетувам со задоволство на мојата романтична креација од минатата година, тоалета со вез, која сосема приличеше на мојот карактер. Оваа година пак останав приврзана на романтиката но со детали кои асоцираат на Охридска сага, посочува Даница.

Во контекст пак на програмата, на годинашното 61 издание, фокусот е ставен на домашните изведувачи, што можеше да се види и од отворањето.

„Оваа година 61 издание го отвори Македонската опера и балет со целиот оркестар, со трилогија од „Лебедово Езеро", „Оревокршачка" и „Заспаната убавица" и извадоци од балетот „Ана Каренина" и операта „Евегенија Онергин", под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, како и концерт мајсторот Климент Тодоровски. Повеќе од 90 уметници се појавија на сцената на Антички театар и возбудата е навистина голема. Протоколите сè уште се на сила, не како минатата година, но сè уште ја имаме дистанцата, односно дозволено е само половина од капацитетот на Античкиот театар да биде исполнет. Во наредните денови, повеќе од 400 уметници ќе настапат на „Охридско Лето" и во музичкиот и во театарскиот дел. Предност даваме на македонските уметници. Оваа година музичката селекторка Даница Стојанова, направи да и наши уметници што живеат надвор, дојдат и настапат на „Охридско Лето". Програмата е навистина богата и се наоѓа и на официјалната веб страница. Театарскиот дел е збогатен и со уметници од дома, но и од странство и му благодарам на драмскиот селектор Александар Поповски и ја очекувам публиката да дојде на 40 дневната фестивалска приказна „Охридско Лето". Се надевам дека и ова 61 издание ќе се памети долго, бидејќи фестивалот тоа го заслужува и е најголемиот музички настан не само кај нас, туку и пошироко и голем број уметници и самите посакуваат да дојдат и да бидат дел од него“, истакнува Поповиќ.

Во ова комплетно се согласува и музичката селекторка, објаснувајќи зошто акцентот е ставен токму на македонските изведувачи.

„Сигурна сум дека сите што беа присутни на спектакуларното отворање со проектот Големиот Чајковски" беа пријатно изненадени и уживаа во прекрасната несекојдневна атмосфера. Фестивалот „Охридско Лето" е високо рангиран со светско реноме и еден од најистакнатите фестивали во Источен Балкан. Програмата треба да понуди светски имиња на нашата верна публика, љубители на класичната музичка сцена и уметност, но никако не смеат да се занемарат и одбегнат домашните уметници. вели Стојанова, која ја искористи приликата да најави и некои од имињата:

„Во овој контекст, сакам со задоволство да кажам дека на „Охридско Лето" публиката ќе го види и слуша Дарко Костовски (пијано), Хајди Елзесер во пијано дуо ,извонредната чембалистка Цветанка Созовска, Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Калина Мрмевска пијано, Стојан Димов кларинет... итн. Сите се многу среќни што доаѓаат да настапат како солисти, во камерно дуо или состав. Исто така голем е бројот и на уметниците од странство кои ни доаѓаат од Русија, Америка, Европа, нашето соседство Бугарија, Албанија, Турција, Словенија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Косово. Како уметница ја негувам соработката со многу уметници од поранешните југословенски држави, како и од светски реномираните сцени и сите тие контакти се од исклучителна важност за професионалната дејност на еден музички селектор“ , посочува Даница Стојанова.

проф м-р Даница Стојанова во креација на Елена Лука

Исто така посочува дека „Доаѓаат врвни уметници чиј предизвик е црквата Света Софија која нуди една мирољубива атмосфера, божји храм на љубовта и духовноста со одлични акустични перформанси , фантастична публика. Сцена чиј камен под, некогаш, а денес мермер, ја газеле врвни легенди од светската класична сцена.

„Ги поканувам вљубениците на уметноста и долгогодишната верна публика, од 12 јули до 20 август да бидат со нас. Ќе има одлични концерти, би споменала неколку од нив - Александар Штаркман, пијано (Русија) , Васко Дантас, пијано (Португалија), Инва Мула светски познатата албанска сопранистка која ќе настапи во соработка со пијанистот Генц Тукичи. Би го споменала и „Вихан" квартетот од Чешка, Матеј Бекавац кларинет и Ирена Графенауер на флејта од Словенија, Гулсин Онај пијано од Турција. Во овие 40 дена, публиката ќе го чуе и квинтетот со солисти од загребската филхармонија кои ќе настапат со наши уметници Владимир Костов и Александар Иванов како гостин на виолина Ќе настапат и Хорот од Филхармонија од Косово, хорот Менада под раководство на Ивица Зориќ, а нашиот „Танец и хрватскиот „Ладо" ќе настапат на Антички театар, при што средствата ќе одат во хуманитарни цели", посочи Стојанова.

На роденденот на „Охридско Лето", на 4 агуст, ќе настапи групата „Синтензис", а ова 61 издание на фестивалот ќе биде заокружено со претстави од „Југословенско драмско позориште".
На крајот, селекторката откри дека програмата за следното издание е веќе дефинирана и предадена во Министерството за култура. Тимот на „Охридско Лето" е фантастичен, директорката Наташа Поповиќ, која со својето менаџирање ја има соработката со целиот тим и успешно се справува со сè. За крај, би се заблагодарила на сите спонзори на Министерството за култура и Владата на Република С. Македонија без чија подршка и помош не може да се реализира овој врвен фестивал Охридско лето. Нека ни е со среќа 61 то фестивалско издание, Лето Господово 2021 год. порача селекторката, проф м-р Даница Стојанова.

 

фото: Ѓоле Наумовски, ohridskoleto.com.mk; 

Објавено:
14 јули 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.318 пати
Тагови: 
Охридско лето