По четврти пат денеска Скопје ужива во прекрасните цветни аранжмани кои се дел од четвртиот по ред Скопски цветен фестивал.

Оваа година за прв пат фестивалот се одржува во Паркот Македонија кој се наоѓа спроти Веро 2 во Тафталиџе, но со еднаква посетеност како сите изминати години.

Сончевото време им дозволи на граѓаните да уживаат во прошетката низ паркот кој е дополнително разубавен со цвеќињата на вкупно 20 компании кои годинава се дел од фестивалот.

Како што ќе кажат од организацијата, целта на фестивалот е на едно место да ги собере љубителите на цвеќето и природата, професионалци во областа, уметници, деца и ученици кои на овој простор ќе ја изразат својата креативност. 

Дел од фестивалот се и бројни работилници, музички настапи на групи, уметничко катче, претстави, отворена галерија, мултимедијални перформанси и уште многу други интересни работи.

Фестивалот ќе трае и во текот на утрешниот ден, па доколку денеска немавте можност да го посетите, задолжително направете го тоа утре и одберете го најубавото цвеќе за пролетното разубавување на домот.

Првиот Скопски цветен фестивал се одржа на 17 мај 2014 – тата година во Градскиот парк во Скопје, по што стана одлична традиција во градот. 

Објавено:
27 мај 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.385 пати