Премиерно во МНТ „Вујко Вања“ од Чехов

13 март 2015

За сите оние кои уживаат во класиците на театарската сцена,  премиерното поставување на безвременската „Вујко Вања“ од Антон Павлович Чехов закажано за недела (15. Март) со почеток во 20 часот во МНТ, сигурно ќе биде на нивната викенд-агенда.

Уште една добра причина да ја гледате претставата во режија на Зоја Бузалковска, е внимателно селектираната актерска екипа: Владо Јовановски кој ја толкува насловната улога, Никола Ристановски, Сашка К. Димитровска, Дарја Ризова, Благој Чоревски, Нино Леви и Љупка Џундева, која по подолго отсуство повторно ја гледаме на сцена.

„ Сакајќи да ја скротам оваа толку денешна и толку наша драма на Антон Павлович и да ја донесам во директна релација со стварноста во која живееме, ја доближувам до она што му е заедничко на Чехов тогаш и на Чехов денес – провинцијата за која пишува тој во своето време (негова постојана преокупација) и провинциите на денешницата, една од кои е токму онаа во која живееме ние“, вели режисерката Бузалковска.

За оваа претстава таа има и двајца соработници надвор од Македонија – кореографот Александар Ацев од Хрватска и дизајнерот на светло Владислав Фролов од Русија. Сценографијата е на Тодор Дајевски, а костимографијата на Марија Пупучевска. Изборот на музиката е на режисерката Бузалковска.

 

Објавено:
13 март 2015
Категорија: 
Култура