Приказната за Џери Луис – кралот на комедијата

21 август 2017

Светските медиуми доцна вчеравечер ја пренесоа веста за смртта на омилениот комичар на многу генерации, Џери Луис. Кралот на комедијата починал од природна смрт, во кругот на семејството во 91-вата година од животот, соопшти за јавноста неговиот публицист, Кенди Казау.

Роден е 1926 година, а неговите родители, Даниел и Реј Левиџ исто така биле дел од забавната индустрија, па Џери уште од рана возраст, следејќи ги во нивната работа, станал вљубеник во оваа индустрија. На 18-годишна возраст веќе, се етаблира како стен-ап комичар, кој одлично имитира голем број изведувачи.

Во 1946 година го запознава младиот пејач Дин Мартин и одлучуваат да создадат дуо, Мартин и Луис, а другото е историја. Нивната глума, со дискусија која изобилува со разни досетки и прекинувања, се покажа како успешен коцепт, па тие беа посебно популарни во ноќните клубови, а потоа и на телевизија.

Помеѓу 1949-тата и 1956 година снимаат дузина филмови, каде хуморот е сè само не софистициран. Но продуцентот на „Парамаунт“, Хал Волис направи одлична проценка и не ја менуваше формата, а ни содржината, така што дуото стана уште попопуларно, а филмовите имаа одлична заработка.

Првото филмско искуство го имаат во филмот „Мојата пријателка Ирма“ во 1949 година.

Дел од нив се и римејкови на познати комедии, а Мартин и Луис и повеќе од успешно се снаоѓаа во главните улоги што претходно ги толкувале дами.

Во 1956 година, дуото Луис-Мартин ќе се распадне и ќе започнат соло кариери и тоа мошне успешни. Освен што ќе се појавува на филмското платно, Луис ќе започне и со пишување и режирање на филмски остварувања.

Едно од најуспешните е секако „Откачениот професор“ (The Nutty Professor 1963), кое беше своевидна верзија на хитот „Доктор Џекил и Мистер Хјад“.

Во текот на 60-тите полека го губи патот и ја прекинува долгата соработка со „Парамаунт“ и работи како фриленсер. Следната декада неговата кариера, но и здравје ќе почнат да се нишаат, но Луис повторно ќе најде пат да допре до публиката, овој пат преку водителството.

Поновите генерации го паметат токму како неуморен водител на емисијата „Телетон“, чија цел е собирање средства за лица заболени од мускулна дистрофија.

Во 1982 година Мартин Скорсезе ќе го повика на кастинг за улога на познат комичар во „Кралот на Комедијата“, каде ќе биде жртва на опсесивен обожавател (Роберт де Ниро).

Во 1995 година ќе се повлече од филмската верзија, но во 2016 повторно ќе му се врати на филмот, како ѕвезда на драмата „Макс Роуз“. На „Оскарите“ во 2009 година ќе ја добие наградата „Жан Хершолт“ за хуманост.

Освен кралот на комедијата, познат е и како „комичарот со лице од гума“. Зад себе остави седум деца, од два брака – со пејачката Пети Палмер со која беа во брак 36 години и танчарката Сенди Питник, со која беше од 1983 година до својата смрт.

И покрај тоа што долги години засмејуваше многу генерации, сепак, познат е и по тешкиот карактер.

Имено, магазинот „Холивуд Репортер“ направи серија интервјуа со личности кои се активни и после 90-тата година. Меѓу нив секако, се најде и Џери Луис, а за тоа интервју се зборува и денес. Тој постојано наоѓаше примедби на сетот, а одговорите беа и повеќе од оскудни. Но и така, тој успеа повторно да измемаи насмевка кај сите.

За крај ве потсетуваме на неговото последно интервју:

фото извор: theguardian.com, thenypost.com, thedailystar.net: voanews.com; 

Објавено:
21 август 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.833 пати