Принс Џексон и неговото прво интервју по смртта на неговиот татко Мајкл

21 ноември 2016

Кога името на вашиот татко е Мајкл Џексон луѓето од вас имаат големи очекувања. Децата на славните секогаш провоцирале љубопитност, но кога станува збор за децата на Мајкл тие отсекогаш биле центар на вниманието  дури и пред да бидат родени. Од моментот како се зачнати поточно.

Контроверзноста расте повеќе кога Мајкл ќе го покаже на фановите бебето Принс низ прозорецот од својата хотелска соба.

Фасцинацијата на моментот кога нивниот татко ги шеташе со маски во јавност се со цел да останат анонимни покрај медиумското лудило што им се случуваше предизвика уште повеќе внимание и разни коментари.

Принс Мајкл Џексон не пее и не игра, но затоа веќе има своја продуцентска компанија.
Вообичаено престојува во домот каде израснал неговиот татко во Енчино. Кога умре Мајкл Џексон малиот Принс имаше само 12 години, сестра му Парис 11, а погребот само во Америка го следеа 31,1 милион гледачи.

Шетајќи низ куќата на неговиот татко, што е навистина реткост за јавноста, Принс на свои 19 години има јасна цел пред себе што сака да работи и како да живее.Т ој има огромна почит кон него, но нема никаква намера да го имитира.

"Сите мислеа дека ќе играм и ќе пеам како татко ми." - вели Принс со смеење, но додава дека е крајно неталентиран и за едното и за другото.

Принс е заинтересиран за продуцирање и она што се нарекува позади сцената. На почетокот на оваа година го продуцираше своето прво видео за Omer "O-Bee", а името на неговата продукција е King's Son Productions, во чест на неговиот татко.

„Музиката е голем дел од мојот живот. Таа одредува кој сум јас, кое е моето семејство и каде јас припаѓам. Мојот татко секогаш ме прашуваше што сакам да бидам кога ќе пораснам и јас секогаш му одговарав дека сакам да продуцирам и да режирам“.

Тој за својот татко зборува со леснотија, со многу љубов и покрај фактот дека е син на најголемата ѕвезда што некогаш ја создала поп индустријата.

Во домот каде живее преовладуваат семејни фотографии, но добивате впечаток дека се тоа обични, едноставни фотографиии, како на нив да не се најпознатите ликови на планетава.

„За мене тие се најобични фотографии и кога на нив е мојата кума Елизабет Тејлор“.

Неговиот најголем проблем е тоа што луѓето можеби премногу очекуваат од него, а тој е типично младо момче на свои 19 години.

Неверојатно харизматичен со округло лице и темно кафени очи, најмногу се смее кога зборува за неговите колеги од факултет или пак плановите кои ги има за викенд заедно со неговиот помал брат Бланкет и неговите братучеди. Иако се занимава со продукција се уште сака да го задржи нивото на повлеченост, да не се експонира многу. Ги избегнува папараците колку што е можно повеќе.

Додека се реновира куќата, неговата сестра Парис живее во гостинскиот дел, па така се постојано заедно.

Мајкл Џексон живеел во оваа куќа во средина на 80-тите, потоа се сели во Санта Барбара на ранчот Неверленд 1988 година. Оваа куќа во Хејвенхрст, Енчино секогаш била некако настрана, приватна, мирно за живеење. Но, едниот дел од куќата или поточно левото крило е еден вид музеј на Мајкл Џексон со принтови, постери, портрети, награди.

„Никому не верувај“, тоа се зборовите кои често му ги повторувал Мајкл на својот син додавајќи: Можеби звучи лошо, но поголемиот дел од луѓето се мотивирани сами од себе, од сопствениот интерес, не верувај никому само затоа што тој некој има добра идеја,т ие сакаат да се дружат со мене и тебе затоа што сме ние ние“.

Хејвенхрст е свето место за семејството Џексон и тоа не само поради семејната историја низ годините, туку децата на Мајкл тука прооделе, а и после неговата смрт живеат со неговата мајка, нивната баба Катерина.

„Беше добро барем за нас тројца. Вкупно живеевме 16 луѓе. На тој начин ја наоѓавме утехата после смртта на татко ми. Ќе се разбудевме на средина на ноќта и ќе си правевме касадиљи и разговаравме така полесно ја совладувавме болката“.

Куќата ја купува таткото Џо со првиот поголем хонорар од Џексон 5, во 1971 година.
Кога Мајкл ја започнува својата соло кариера тој ќе ја откупи оваа куќа од татко му и ќе потроши две години на нејзино реновирање. Има и кино со 32 седишта, мал Тудор замок кој наликува како некој од замоците на Дизни со часовник на средина на влезот.

Познатото шимпанзо на Мајкл, Бабл живеел тука, а хитовите за албумите „Off the wall“,„Thriller“ се снимени токму во оваа куќа, во студиото сместено сосема на крај од имотот.

Мајкл ќе остави богатство проценето на повеќе од 2 милијарди долари на неговата мајка и неговите деца, од кои 20 % кои задолжително се донираат во хуманитарни цели.

„Откако тој умре бевме бомбардирани од сите страни. Скандали, лажни приказни, обвинувањето од неколку страни за неговата педофилија, сензационалистички приказни за неговото менување во однос на физичкиот изглед како и неговото ексцентрично однесување“.

Принс морал да се соочува сиве овие години, па додава: Мене ми беше кажано дека ќе се изнаслушам се и сешто, но со време ми стана јасно дека тие се обидуваат да го растргнат татко ми, да го уништат неговото дело и лик. Но, сите ние се договоривме тие пишувања да ги игнорираме.

Што се однесува до неговата биолошка мајка Деби Роу вели дека немаат комуникација.
Визијата за неговата продукција е во насока на откривање и поддршка на нови таленти. Додава дека е се уште млад, животот е пред него и многу работи има и сака да сработи, но во едно е сигурен за еден проект, а тоа е еден вид трибјут за неговиот татко кој ќе биде достоинствен и издржан.
„Јас сум горд што сум негов син и што го носам неговото презиме“.

Принс Џексон е скромно момче кое дури и пред фотоапаратот е срамежлив, кроток и воздржан.

 

Објавено:
21 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.113 пати