Промоција на стихозбирката ,,Божилак на исконот” од Филип Димкоски

8 мај 2015

Вечерва со почеток во 20.00 часот во Домот на хуманитарните  организации ,,Даре Џамбаз” во Скопје ќе се одржи промоција на стихозбирката  ,,Божилак на исконот” од поетот Филип Димкоски.

Промоцијата ја организира Словенечкиот центар од Скопје по повод  деветти мај-Денот на Европа, притоа како и секогаш настојувајќи на соработка и поддршка меѓу   Словенија и Македонија како две историски и културолошки поврзани држави.

,,Божилак на исконот” e втора стихозбирка на Димкоски. За неа, минатата година го доби признанието ,,Вознес-2014” во Битола, од Клубот на креативци-Бит-Словист. Книгата е достапна и на актуелниот Меѓународен саем на книгата во Скопје, на штандот на Манускрипт.

,,Искрените, контемплативни стихови на Филип кои на читателите делуваат зрело и доживеано, се навидум мирни, а всушност полни со огромна креативна моќ”-пишува новинарката Марија Таушанска -Анастасовска, во рецензијата кон оваа стихозбирка.

Втората рецензентка пак, професорката  Ленка Јованоска, пишува:

,,Поезијата на Димкоски во себе носи топлина, животна вистина и мудрост, а едноставноста на стихот ја прави достапна за секој човек и севременска”.

Филип Димкоски Филип Димкоски

Kорицата е слика на студентот по ликовна уметност  Кристијан Јованоски-Кетерник, а техничкото уредување и графичкото обликување го направи графичкиот дизајнер Илија Димкоски.

Поезијата на Филип Димкоски е преведувана на англиски, грчки, бугарски, хрватски, српски и словенечки јазик, објавена е во повеќе домашни и  меѓународни зборници и списанија. Авторот е добитник на повеќе домашни и меѓународни признанија меѓу кои ,,Млада Струга” на Струшките вечери на поезијата, ,,Најталентиран млад учесник” на Мелничките вечери на поезијата во Бугарија и наградите ,,Јанош Сивери” и  ,,Станислав Препрек” во Србија. Член е на групата ,,Поети од светот” во Чиле.

За промоцијата на ,,Божилак на исконот” во Скопје, најавени се интересни гости што ќе придонесат за еден поинаков  настан со богата уметничка програма.  Поканети се сите кои ја љубат поезијата и уметноста воопшто.

 

Објавено:
8 мај 2015
Категорија: 
Култура