Првиот македонски филмски мјузикл „Црно-Бело“ на 18. јуни во кино Фросина

15 јуни 2019

Првиот македонски филмски мјузикл „Црно-Бело“ во режија на Сандра Ѓоргиева ќе биде прикажан на отворена проекција на 18 јуни (вторник), 20 часот во кино Фросина, МКЦ - Скопје.

Филмот ја следи приказната на Јована, која ја игра познатата актерка Јелена Јованова. Јована е млада жена вработена во туристичка агенција. Таа е вредна работничка  и ги исполнува барањата на сите, со цел да биде прифатена и признаена од соработниците. Но, и покрај својата посветеност и напорна работа, таа е непочитувана и нецената од нив. Со нив таа води имагинарна војна преку музика  и танц. Музиката која е специјално продуцирана за овој филм ја следи приказната на Јована.

Црно-Бело“ е дипломски филм на Сандра Ѓоргиева, студент на Катедрата за филмска и ТВ монтажа, во класата на проф. м-р Лазар Секуловски и доц. м-р Владимир Павловски. Филмот е во продукција на Факултетот за драмски уметности Скопје, копродукција „Мунлајт“, со поддршка од Агенција за филм.

Сценариото, режијата и монтажата се на Сандра Ѓоргиева, директор на фотографија е Дарко Елек, композитор Филип Стевановски (ФИС Студио), музички текстописец Тамара Котевска, кореографијата е на Ирена Лозинска и тонската обработка на Сашко Потер Мицевски.

Aктерската екипа ја сочинуваат: Јелена Јованова, Јордан Симонов, Жаклина Петровска, Жарко Димовски, Дејан Лилиќ, Миа Трпезановска, Анџелина Симоновиќ, Благојчо Стојанов, Наталија Теодосиева, Ангела Стојановска, Марко Илиќ, Дритон Вејсели, Стефан Петровски, Ангела Димитрова, Христијан Поп-Симонов, Васко Костовски, Кујтиме Ахмети, Дритон Незири, Никола Колев и децата од драмското студио на „5+“.

Сандра Ѓоргиева  е потпишана како режија и монтажа и на филмот “Зелени ѕидови, црна храна” кој влезе во официјална селекција Сараевскиот филмски фестивал во 2015та година. Таа е и дел од екипата на тв сериите „Преспав“ и „5+ Фамилија“.

Објавено:
15 јуни 2019
Категорија: 
Култура
Прочитано:
366 пати