Сашо Димоски со две одлични премиери во Охрид и Скопје

4 април 2016

Покрај тековните обврски како драматург во театар „Џинот“ – Велес, во април Сашо Димоски потпишува и две премиери во други театарски куќи.

Првата премиера е во Народниот театар во Охрид, каде под режисерската палка на Ненад Витанов се подготвува претставата „Парламентарки“.

За претставата, Димоски вели дека сценската адаптација на Аристофановата „Жени во Народното собрание“ резултираше со пишување сосема нов текст по мотиви на античката комедија, која во еден современ контекст го театарализира проблемот на власта и исцртува гротеска со карикатурални ликови.

Сценографијата за претставата е на Филип Витанов, а костимите на Катерина Чукниева.

Инаку, ова е втора тандемска соработка меѓу Димоски и Витанов после знаменитиот успех на претставата „Медеја“.

Втората премиера е во Македонската Опера и балет, каде се праизведува либретото „Црвената соба“ во кореографија на Игор Киров. Музичката предлошка за овој современ балет е Шубертовиот „Гудачки квартет бр. 14“, костимите се на Александар Ношпал, сценографијата на Марија Ветероска, а како асистент-кореограф се јавува Мојца Мајцен.

За „Црвената соба“, Димоски вели дека од една страна, станува збор за сценски експеримент за вечната потрага по единство, за потребата од припадност, за своината, за копнежот по љубов и од друга страна – за самотијата како единствен облик на апсолутно припаѓање и сето тоа преку говорот на телото кое е во криза.

И двете премиери се планираат за втората половина на април.

Објавено:
4 април 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
349 пати