Се збогуваме со маестро Зоран Џорлев

1 јануари 2021

На почетокот од оваа година, во овие празнични денови, за жал изгубивме уште еден голем уметник – денеска во 53-та година од животот почина маестро Зоран Џорлев, нашиот виртуоз на виолина.

Информацијата со статус на фејсбук  ја потврди и неговиот внук Огнен Здравковски.

Според првичните информации, наводно познатиот музичар се лекувал од корона, но ја загубил битката со вирусот.

Покрај тоа што беше маестрален виолинист, Џорлев беше и вокален изведувач и професор.

Џорлев е роден во Струмица на 10 јануари 1967 година, каде го поминал детството, живеејќи на улицата „Пере Тошев" во близина на киното, заедно со братот Ристо (Ице) и сестрата Софче. Тој бил дете на Наско и Грозда Џорлеви, а татко му бил познат композитор на народна музика и водач на оркестар. Кога бил првооделенец, со семејството се преселил во Скопје. Уште во раното детство, во Струмица, започнал да свири на труба, хармоника и гитара. Во 1977 година почнал да свири на виолина, откако претходно во музичкото училиште бил одреден да свири на пијано, зашто „немал предиспозиции за виолина".

Во 1989 дипломирал виолина на Факултетот за музичка уметност. Познат бил по обработките и изведувањето на македонските народни и забавни композиции, обработки на филмски, џез, етно теми. Работел како професор по виолина, и бил директор на ДМБУЦ Илија Николовски Луј во Скопје. Во јануари 2011 бил назначен за директор на ансамблот за народни игри и песни „Танец", каде останал до август 2017 година.

За само неколку дена требаше да го прослави својот 54-ти роденден.
Голема почит за неговата работа и дело, почивај во мир маестро.

Објавено:
1 јануари 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.869 пати