Се збогуваме со Нина Спирова

11 септември 2020

На 82-годишна возраст, денеска почина доајенот на македонската музика, Нина Спирова.

На домашната музичка сцена остави трајни вредности по кои вечно ќе биде запаметена како една од најплодните пејачки на староградска музика.

Таа има исполнето и снимено голем број познати музички хитови, од страна на светски аранжери како и голем број на обработки на македонски народни песни. Незаборавн се нејзините интерпретеации на „Бог да бие кој прв почна", „Пилето ми пее", „Не си го продавај Кољо чифликот", „Судбо моја, судбино", „Зајди, зајди, јасно сонце", „Кажи, кажи либе Стано", како и нејзиниот најголем евергрин „Еден бакнеж".
Родена е на 26 октомври 1938 година во Прилеп, а поради нејзината скромност и повлеченост од јавниот живот, за неа се познати многу малку приватни податоци.

 

Според нејзините почитувачи, но и музичките стручњаци, главен белег има оставено пеејќи ја македонската народна, но и староградската песна. Има учествувано на првите изданија на Скопскиот фестивал, а има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски - Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи", „Еден бакнеж", „Езеро мое", „Далечен крај", „Пелистерски очи", „На овој ден" итн.

На почетокот на 80-те години целосно се повлекува од естрадната сцена.

Објавено:
11 септември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.280 пати