Сеќавањата за Ејми Вајнхаус никогаш нема да избледат

16 септември 2014

На 14-ти месецов таа ќе наполнеше 31-година, но веќе три години од смртта на легендарната пејачка останаа само сеќавањата кои симболично се нагласија со поставувањето на бронзен споменик во општината Камден во Лондон, токму на нејзиниот роденден. На денот од откривањето на споменикот присуствуваа и нејзините родители Мич и Џенис Вајнхаус, останатите членови од семејството, како и многу обожаватели и медиуми.

Познато е дека Ејми беше силно врзана за кватрот Камден, каде се досели на своја 16-годишна возраст. Околу локацијата на споменикот имаше многу дискусии, но на крајот Мич изјави дека е задоволен што статуата е поставена на место каде се собираат многу улични изведувачи, а од друга страна толпата обожаватели можеби нема повеќе да се собираат пред нејзиниот поранешен дом.

Бронзената статуа е висока 175 сантиметри и ја прикажува пејачката во нејзината најпозната поза и карактеристична фризура, а е дело на вајарот Скот Итон.

-За мене претставуваше особена чест да изработам дело што во целост треба да ја отслика Ејми. Бев нејзин голем обожавател и имам најдлабока почит кон неа како пејачка. Од моја перспектива како вајар, имаше неверојатен стил и енергија, изјавува Итон.

Инаку, Ејми Вајнхаус почина од труење од алкохол на 23-ти јули 2011 година, а својот последен концерт имаше во Белград месец дена пред да почине.

 

Објавено:
16 септември 2014
Категорија: 
Култура