Шарлин Спитери од „Тексас“ ги освои новинарите со природноста и непосредноста

27 септември 2018

Долгонајавуваниот концерт на „Тексас“ ќе се случи в петок, во СРЦ „Кале“, а вокалот на брендот, Шарлин Спитери вчера попладне ги почести медиумите со своето присуство.

Доаѓањето во Скопје е след по настапот во Малме, а потоа турнејата продолжува со настапите во Белград, Загреб и Софија.

Иако како што рече на самиот почеток, имала време само да се истушира, на средбата со новинарите дојде расположена да одговори на сите прашања.

Природна, непосредна и сосема своја, и без малку умилкување, таа беше трпелива за сè она што беше упатено како прашање до неа.

Разговорот започна со неодамна одржаната свадбена церемонија. Тоа што претходно го изјави за странските медиуми, го потврди и кај нас – никогаш понервозен не го видела сега веќе сопругот, познатиот шеф Брин Вилијамс.

 

-Тој навистина беше многу нервозен и се прашував зошто е тоа така. На крајот кога ме побара за жена, јас бев навистина многу шокирана. Инаку, навистина сакам и се трудам да го зачувам својот приватен живот, иако јас на сцената и приватно и не се разликувам многу. Ако сум среќна, тогаш сум среќна. Никогаш не ги прикривам емоциите и не глумам – потенцира пејачката.

Венчалниот фустан е креација на „Стела Мекартни“, како што и претходно кажавме, а за fashionel.mk откри и зошто се одлучила токму за дизајнерката.

- Стела Мекартни е една од моите најдобри пријателки и беше интересно што токму таа го направи фустанот. Инаку, на луѓето им беше интересно и необично кога ме видоа така дотерана, бидејќи тоа не е нешто во што јас уживам. Не сум многу по модата, најчесто носам џинс (очигледно), па тоа што на свадбата носев фустан од тантела, за сите беше изненадување. Инаку,  јас ѝ ја кажав мојата замисла, а Стела го создаде фустанот.

 

За Македонија за првпат слушнала од „Евровизија“ и отсекогаш мислела дека тоа е „кул“ име.

На концертот в петок ќе бидат испеани најголемите хитови на групата, а меѓу нив и нивниот прв хит, „I don’t want a lover“.

„Оваа песна ја напишавме јас и Џони, се сеќавам дека беше недела дена пред мојот 18-ти роденден. И после толку години, сè уште верувам во напишаното. Всушност, знам дека не ми е потребен ниту само љубовник, ниту само пријател туку и целиот пакет“.

На прашањето на новинарите како ги негува нејзините „внатрешни насмевки“, а како „внатрешните демони“, ќе рече:

 

„Она што вие го претпоставувате за моите внатрешни насмевки, веројатно не е тоа како јас ги разбирам. Но, како ги негувам, ќе дознаете на концертот в петок. Што се однесува до демоните, ги немам. Многу сум директна, го кажувам тоа што го мислам и чувствувам и не држам во себе никакви „демони“.

Иако ова е нејзин првпат во Македонија, се надева дека нема да биде и последен.

-Многу сум гладна, што би ми препорачале да јадам? – праша Шарлин пред самиот крај на средбата.

Но и покрај гладта, беше расположена за уште малку неофицијален разговор и фотографирање со медиумите.

 

Она што ние можеме да го додадеме на крајот е дека Шарлин е навистина многу кул! :)

За потсетување, концертот е во организација на „Авалон продукција“.

Објавено:
27 септември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
259 пати