Скопје по втор пат дел од Меѓународниот фестивал на поезијата и уметноста

29 март 2017

Вчера повеќе светски метрополи го одбележаа Меѓународниот фестивал на поезијата и уметноста познат како Меѓународно движење на жените-поети, а Скопје втор пат беше дел од интернационалната мрежа каде се организира Women scream.

Кај нас и оваа година настанов го организираат Оливера Доцевска и Елена Пренџова, во координација со здружението „Јустиција", а меѓу поддржувачите годинава е и Фондацијата Елена Лука чии стратешки цели меѓудругото се еднаквите можности и постигнување на родова еднаквост.

Вчерашниот ден во рамките на Фестивалот помина во знакот на бројни активности чија основна цел е да се испрати порака за поголема самодоверба, почит и да се зајакне гласот против насилството врз жените, на рамноправна основа.

Токму на темата „20 дена по 8. Март и шчо напраифме?" во МКЦ се одржа панел дискусија на која Билјана Дуковска – Македонска платформа против сиромаштија – МППС, Марија Савовска – Акција Здруженска, Билјана Страмшак Ѓуровска дискутираа за родовата рамноправност, борбата против семејното насилство и правата на жените како основа за поправедно општество.

Програмата на фестивалот вклучуваше и целодневна изложба, видео проекции, поетски читања, музички концерт како и модна ревија под мотото „Крик на жената".

Фестивалот е светски синџир на настани што се одржуваат од 1. до 31. март на кој учествуваат поети, уметници, мажи и жени, од различни земји во светот, а се со цел да се зајакне гласот за рамноправност и видливоста на жената во општеството.

 

Објавено:
29 март 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
133 пати