„Скопје постер“ - сериозен играч во дизајнерската сфера

5 декември 2014

Вечерва со почеток во 20 часот ќе се случи и официјалното отворање на седмото издание на Меѓународниот студентски конкурс за плакат „Скопје постер фестивал“ под инспиративното мото „Дизајн за мир“. Токму по тој повод, разговаравме со човекот кој е со фестивалот од самите почетоци, а за оваа, седма година, најавува многу новини и мотивациски конференции со инспиративни предавачи. Лазе Трипков е човекот кој ќе каже дека графичките дизајнери се тие кои ги решаваат визуелните комуникациски проблеми. Тој додава дека од есенцијално значење е вештината на размислување и создавање перцепција со слики, зборови и симболи, но најважната работа во дизајнот е да го создадеш патот! Во интервјуто за Fashionel, Трипков говори за фестивалот, за годинешното мото, за плакат културата во Македонија, но со нас ја споделува и неговата „порака за мир“ која што го води низ секој нов ден...

-Како се развиваше Скопје постер фестивал низ годините?

Ова е веќе седма година по ред како се одржува Меѓународниот студентски конкурс за плакат и по шестата година, некако се наметна потребата тој да прерасне во фестивал, бидејќи конкурс односно изложба која трае повеќе од еден месец, а има дополнителни активности со дизајнот, сама по себе е потребно да прерасне во фестивал. Стимулот ние толку да работиме за сето ова да прерасне во фестивал што ќе опфаќа повеќе сегменти од дизајнот, беа всушност дизајнерите од Македонија. Мило ми е што „Скопје постер“ се наметнува како многу сериозен играч на полето на дизајнот што ја задржува таа автохтона дејност, односно ја задржува вредноста на плакатот како универзално средство за комуникација, бидејќи денеска со развојот на технологијата плакатот е медиум што буквално секаде е застапен. Тој е инспиратор на развојот на графичкиот дизајн. На некој начин, применувањето на плакатот во комерцијалните цели не би бил комплетен доколку не се даде таа артистичка вредност. Тогаш тој би имал само продажна компонента, времето би му траело само за време на кампањата и тој би завршил. Уметничкиот плакат, односно оној што содржи уметнички и културни вредности продолжува да живее, нема временски контекст.

-По што оваа седма година ќе биде поразлична од сите останати?

Оваа година ќе биде поразлична по тоа што ќе се организира првата регионална конференција за дизајн каде ќе се отворат теми што се поврзани со начинот на кој што функционираат здруженијата по дизајн од регионов и кои се потребите дизајнот да се интегрира во едукативните процеси. Тоа е многу важно затоа што ние не можеме да ја обогатиме државата или да ја подобриме културната состојба доколку не влијаеме од почетоците и затоа, „Скопје постер“ за прв пат оваа година заедно со својот тим, ги вклучи децата во креирање на тие пораки во однос на мирот кои се поврзуваат со одредена креативна естетика.

-За работилницата со децата на тема „Дизајн  за мир“...

Мене отсекогаш ме фасцинирала работата со деца. Овој пат, за прв пат ги впрегнавме да работат на тема и тоа е многу интересно колку децата се ослободени од одредени стереотипи што повозрасните луѓе ги перцепираат и ги ставаат ад – хок во однос на релациите со окружувањето. Дечињата даваа генијални идеи, значи на обично прашање „Што е мир“, понудија повеќе од 15 различни ставови што беа многу чисти и јасни, нешто што на возрасен никогаш не би му паднало на памет. Добија задача да креираат пораки, да цртаат, а во друга сала беа дизајнерите од Македонија чии реакции беа феноменални и од тоа на крајот ќе се направи документарец. Многу е важно што се испраќа како порака од Македонија, затоа што нашата земја се става на мапата на тие движења што треба да инспирираат и да покренат некого за да продолжи да се развива.

-Колку овој фестивал е препознатлив за Македонците?

Можам да кажам дека поголем дел од дизајнерите кои што денеска работат во маркетинг агенции и самоиницијативно развиваат одредени проекти, се всушност „излезени“ од Скопје постер и јас лично ги познавам. Токму на нив, првите почетоци по завршувањето на факултетот им беа во „Скопје постер“. Значи „Скопје постер“ не останува само тука, тоа е многу важно да се потенцира и да се знае дека фестивалот живее во различни градови. По оваа изложба тука, ние се пакуваме и одиме за Варшава на 18 – ти декември. Во јануари одиме во Прага, потоа можеби во Истанбул, значи ова не е мала работа воопшто. Во однос на другите градови од Македонија, досега не сме имале побарување, но сметам дека треба да се оствари некоја соработка. Нас ќе ни биде многу драго ако некој сака да ги презентира плакатите во било кој друг град.

Автор: Иван Петрушевски Цртежот го нацрта: Дамјан Глушкин Автор: Иван Петрушевски
Цртежот го нацрта: Дамјан Глушкин

-Каква е плакат културата во Македонија?

Пред неколку денови, ја отворив мојата прва самостојна изложба, односно втора во Македонија, но по 10 години. Секогаш се трудам во корелација со клиентот да го изразам она што сметам дека е значајно за дизајнот. Јас сум дел од таа полска школа за плакат која се смета дека е една од оние што го имаат задржано својот израз од почетокот до денеска и како таква продолжува да биде препознатлива. Сметам дека мојот професор Костадин Танчев – Динка е вистинската личност која може да говори за ова, бидејќи го има искусено лично самиот за време на социјализмот. Токму вчера говоревме дека во социјализмот, односно во комунизмот, никој не те прашуваше што ќе правиш. На сите им даваа средства и беше оставено на тебе да го направиш како знаеш и умееш, но секогаш работите се правеа многу квалитетно. Од оваа страна, многу е важно колку клиентот дозволува. Ако го ставите плакатот да живее преку визијата на уметникот, тогаш буквално ќе го зголемите неговиот животен век, но ако треба да го погледне некој друг од блиското семејство на вашиот клиент и да даде одобрување , тогаш многу работи ќе се измешаат и на крај нема да остане тоа што е. Што се случува со плакатите на Динка - тие ги нема никаде, или се изгубени или кој знае што се има случено со нив. Ако ги заборавиме основните работи, ако немаме архива, ако ние самите не си се цениме, прво никој нема да не цени и нема да имаме никаква основа. Ние сме многу далеку од формирање на некаква теорија на дизајн. Она што е најтрагично, е што до 90 – тите години, пред да се распадне Југославија, Македонија имаше претседател на Југословенското здружение на дизајнери. Со ова сакам да дадам акцент на студентите дека иницијативата и тоа како е потребна и важна.

-Каква е состојбата на дизајнот на Балканот?

Токму во сабота ќе се случи регионалната конференција за дизајн на тема „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“. Она што прво мора да се разграничи е каква перцепција имаме ние за дизајнот, значи состојбите се едно, но тие што го градат и создаваат и што живеат со дизајнот се друго и многу е важно како тие го перцепираат – дали како културно богатство, или го перцепираат како заработка. Јас сакам да ги слушнам ставовите и на едните и на другите, на конференцијата ќе има и професори, здруженија, а ќе присуствува и адвертајзинг дизајнерот Давор Брукета од Хрватска кој има генијални идеи и заработува многу пари.

Автор: Никола Воинов Цртежот го нацрта: Мефаил Јашар Автор: Никола Воинов
Цртежот го нацрта: Мефаил Јашар

-За крај, која е вашата порака за мир? 

Тука ќе ја цитирам пораката за мир на ќерка ми – Среќно семејство! Тоа е дефинитивно мојата порака за мир. Мене ме инспирира таа работа и буквално ме води низ секој ден.

Објавено:
5 декември 2014
Категорија: 
Култура