Со „Боеми“ на Пучини официјално ќе започнат Мајските оперски вечери

7 мај 2018

Традицијата  на Македонската опера и балет и понатаму продолжува со  доближување на оперската и балетската уметност до публиката. Фестивалот „Мајски оперски вечери“ е еден од ретките оперски фестивали во Европа. Годинава тој ќе се одржи по 46 –ти пат, што навистина претставува бројка за почит. Поаѓајќи од респектабилната бројка на одржани фестивали и интересот на публиката за овој значаен културен настан, уметничкото водство на куќата се определи за поделба на програмата во два дела, официјален програм и оф програм со што ќе се понудат серија на настани од 09 до 31.мај.

Во пресрет на овогодинешните 46. по ред Мајски оперски вечери, Македонската опера и балет подготви прекрасни доживувања за љубителите на уметноста под мотото #ГоСлавимеПучини. По повод 160 годишнината од раѓањето на овој безвременски мајстор на операта, Македонската опера и балет подготви програма од неговите најпопуларни дела (Боеми, Тоска, Турандот), поддржани со гости солисти од целиот свет. Во официјалната програма на Мајски оперски вечери 2018 се нудат 5 оперски изведби (Боеми 09.05, Тоска12.05, Турандот19.05, Змејот од Босна22.05 и Аида31.05) и  2 гала концерта (Балетски бисери 15.05 и Puccini&Rossini 23.05). Во оф програмата  се тематските изложби,  #retrOpera,  ретроспективнта изложба на Васе Урдин и „Почетоци“ , промоцијата на монографијата за Зина Креља и одбележување на јубилејот – 100 години од раѓање  на Данка Фирфова.

„Накратко, се потрудивме грижливо да одбереме наслови и солисти, кои се надеваме дека ќе ги задоволат вкусовите на најголемите вљубеници во операта, но и најострите критичари“, изјави Бисера Чадловска, уметнички директор на Македонска опера и балет.

Мајексите оперски вечери ќе се отворат со претставата „Боеми“ од Џакомо Пучини, за што Чадловска ќе каже дека е нејзина дамнешна желба.

„Многу сакав да ја диригирам претставата, но бидејќи ќе настапам на затворањето, решив да ја отстапам таа улога на мојот колега Џанлука Мартиненги, но понатаму ќе си ја преземам претставата. Во рамки на Мајските оперски вечери ќе бидат изведени претставите Тоска, Турандот, Аида и Змај од Босна, на која ќе настапи целиот ансамбл од сараевската опера, а ќе има и еден балетски концерт. Ќе имаме неколку изложби, годишнини, промоција на книги...“, вели таа.

Доколку сè уште немате набавено билет за отворањето или некоја од претставите, тогаш имате уште малку време за ова неверојатно мајско доживување.

Објавено:
7 мај 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
659 пати