Со изложба на фотографии од Дејвид Боуви отворен „Skopje cinema city“

2 јули 2015

Вчеравечер, во една сосема поинаква димензија во егзотичниот амбиент на Сули ан во Старата скопска чаршија, беше поставена ексклузивна изложба на фотографии од легендарниот музичар Дејвид Боуви, а со потпис на исто толку легендарниот фотограф Брајан Рашиќ, со што беше отворено првото издание на  фестивалот на музички документарни филмови  „Skopje cinema city“.

Скопје имаше ретка можност да ужива во изложбата на фотографии од Дејвид Боуви на Брајан Рашиќ што се еден вид преглед на претежно концертни фотографии од почетокот на 80 – тите, па сѐ до 2006 – та година.

Брајан Рашиќ Брајан Рашиќ

Познат по своите брилијантни фотографии, фотографот роден во Белград, а базиран во Лондон,  Рашиќ ги продуцирал некои од највпечатливите рок слики. Повеќе од три децении тој ги фотографира најголемите уметници во светот на музиката и пошироко. Првите чекори ги направил фотографирајќи ги локалните музичари во Белград, како и странски брендови кои доаѓале на гостување.

„Кариерата во музичката фотографија беше природен правец за некој како него, во чиј живот музиката секогаш имала значајна улога. Во 1979 година се сели во Лондон, каде започнува неговиот пат кон исклучителната кариера. Спомнете било кои музичари и Брајан најверојатно ги има фотографирано. Својот објектив го „тренирал“ на некои од најзначајните ликови од денешницата: Ролинг Стоунс, Дејвид Боуви, Пол Макартни, Ерик Клептон, Пит Тоунсенд... Неговите фотографии се приказ на неговата умешност и визија, токму поради нивната имагинативност и привлечност. Неговите фотографии се директни и ги портретираат луѓето во процесот на работа покажувајќи зошто неговите субјекти се толку славни, колку што се и обожувани“, вели Ненад Георгиевски, уметнички директор на фестивалот.

Изложбата коинцидираше со прикажување на филмови посветени на големата легенда Боуви, како дел од програмата, што ја направи вечерта на отварањето своевиден трибјут кон музичарот и обид да се нагласи бесконечната креативност на овој уметник кој не престанува да изненадува.

Изборот на фотографии презентира различни стадиуми од неговата кариера како музичар, почнувајќи од 1983 до одлуката за повлекување од сцена во 2006 година. Секако, да се долови огромното-повеќедецевниско влијани на Боуви не е лесна задача, имајќи го предвид фактот што тој оставил печат не само врз музиката, туку воопшто и уметноста, филмот и модата.

Првото издание на овој фестивал  што се води под мотото „Филмови, музика и вино“, ќе трае до 5-ти јули и ќе вклучи голем избор на музички докмунетарни филмови.

 

Објавено:
2 јули 2015
Категорија: 
Култура