Со операта „Норма“ ќе се отворат 50 Мајски оперски вечери

5 мај 2022

Традиционално, со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет на 9 мај 2022, со почеток во 19.30 часот, ќе бидат отворени јубилејните 50. „Мајски оперски вечери“. Оваа година, фестивалскиот оган ќе го запали нашата оперска примадона г-ѓа Милка Ефтимова.

Меѓународниот фестивал на оперската уметност „Мајски оперски вечери“ почнува на 9 маj, а ќе трае до 31 мај.

Како што беше најавено на денешната прес-конферекција, на јубилејното, 50. издание на овој реномиран фестивал ќе се изведат некои од најубавите оперски претстави, како и две балетски претстави, со настап на реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти.

Оваа година, 50. „Мајски оперски вечери“ свечено ќе се отворат со премиерата на една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература, операта „Норма“ од Винченцо Белини на 9 мај во 20.00 ч. под диригентската палка на гостинот од Италија, Енрико Довико, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценограф и костимограф: Флавио Арбети (Италија), коавтор на костимите: Марија Пупучевска, концерт-мајстор: Верица Ламбевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.

Директорот на НОБ, Васо Ристов, истакна дека изминатите 50 години македонската културна сцена активно го живее месецот мај како центар на музичко-сценски случувања. Тој додаде дека МОВ отсекогаш претставувале платформа на која се презентирале врвни музички вредности, како од домашни, така и од странски музички уметници.  

Уметничкиот раководител на Операта Дејан Прошев  дека „Мајските оперски вечери“ се оперски фестивал каков нема на Балканот, а и пошироко. „Норма“ не е случаен избор за отворањето.

-Годинава се одбележуваат 30 години од нејзината прва изведба во земјава, а последен пат на „Мајските оперски вечери“ е изведена 1996 година - нагласи рече Прошев.

На присутните им се обратија и режисерот Ренато Бонајуто и диригентот Енрико Довико.

И двајцата истакнаа дека им е огромно задоволство и чест што ќе бидат дел од ова љубилејно издание. Бонајути посочи дека и покрај комплицираните околности, сепак успеале да ги задржат спецификите:

-Завршивме навистина огромна работа, затоа што се работи за текст од 19 век што изболилува со терминологија која е неразбирлива и за Италијанцит. Воедно, се обидовме на најдобар начин да ги прикажеме ликовите во операта и Норма - жена мајка, која е изневерена и да ја опфатиме таа психолошка нитка.

Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова, а на сцената ќе се појават Ѓорѓи Цуцковски (Полионе), Сандра Митровска (Адалџиза), Иван Томашев од Србија (Оровезо), Марика Поповиќ (Клотилде), Дејан Стоев (Флавио), Цасилиј и Стефан Дашиќ (деца), како и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Во рамките на фестивалот, ќе биде промовирана монографијата „50 години Мајски оперски вечери" од д-р Александар Трајковски. Рецезент на истата е Фимчо Муратовски, диригентот на операта „Цар Самоил", првата претстава со која биле отворени Мајските оперски вечери во далечната 1982 година.

Втората изведба на операта „Норма“ ќе биде на 11 мај, во 20.00 ч.

На 14 мај ќе се изведе балетот во 9 слики „Госпоѓиците од Авињон“ по музика на Калиопи Букле, кореографија и режија на Олга Панго, либрето и драматургија Сашо Димоски. (ОФФ ПРОГРАМА) 

Објавено:
5 мај 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
127 пати