Со совети и позитивни практики до прослава и изненадување за обележување на “Светскиот ден на детето”

19 ноември 2020

Во пресрет на "Светскиот ден на детето" - 20ти ноември, овој петок со почеток од 17ч. ЕДУИНО - колективниот портал за дигитални содржини, ве повикува на бесплатно, отворено онлајн предавање на тема - "Поттикнување на учење преку игра и стекнување на социоемоционални вештини кај деца на воздраст од 3 до 10 години".

Пријавувањето е отворено и бесплатно преку овој линк.

Во овие нови наметнати услови, повеќе од било кога е важно да посветиме време во квалитетното образование и воспитување на децата. Соочени со предизвикот за како правилно да го насочиме вниманието на децата од 3 до 10 години, меѓутоа и како истовремено да обезбедиме квалитетно користење на слободното време, говорниците на овој вебинар ќе презентираат нивни совети и практики за поттикнување на учење преку игра и развивање на социоемоционалните вештини.

Говорници на овој вебинар ќе бидат истакнати професионалци во својата дејност:
- Радмила Живановиќ, лиценциран психолог, европски акредитиран психотерапевт, магистер по комуникации и активен член на управен одбор на Комора на психолози.
- Атинула Ничова, воспитувач во градинката „Срничка" и магистер по педагогија во областа на методиките.
- Јадранка Клисарова, одделенски наставник, во ООУ „Блаже Конески" - Скопје, писателка на бројни книги за деца.

Учењето преку игра е еден од најважните начини на кои малите деца стекнуваат суштински знаења и вештини. Тие играат за да го разберат светот околу нив. При изборот да играат со она што им се допаѓа, децата развиваат вештини во сите развојни домени: во интелектуалниот, социјалниот, емоционалниот и физичкиот домен. Подеднакво важно е што тие ги развиваат вештините неопходни за учење како што се способноста за решавање проблеми, анализа, проценка, примена на знаењето и креативностa. Овие принципи се особено важни за децата во развој, па затоа се надеваме дека советите споделени од говорниците ќе помогнат да ја поттикнеме детската љубопитност и желба за учење преку интересни пристапи и активности.

Покрај совети и практики за поттикнување на учење преку игра ќе биде објавен и презентиран и нов креативен предизвик кој ќе трае од 23-30ти ноември. Целта на овој предизвик ќе биде да поттикне учење преку игра со дел од 150те активности поставени на колективниот портал за дигитални содржини - ЕДУИНО но и многу повеќе од тоа - создавање убави спомени и моменти во секое семејство.

Објавено:
19 ноември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
172 пати