Социјалните мрежи и приватни проблеми: Зошто ни е полесно да му се довериме на Фејсбук?

2 февруари 2021

„Имавме складен брак, но маж ми веќе не ме поднесува, вели дека не може да седи ни 5 минути со мене, што да правам?“, „Во сладен брак сум и имаме дете, но коа ќе настапи голема наметливост од свекорот и свекрвата во однос на детето, сопругот не сака ниту да разговара, се заканува со развод“, „Имам проблеми со кожата на рацете, докторот ми даде терапија, но ме интересира и ваше мислење“, „Имам проблеми со жолчката, што да правам“, „Детето ми пелтечи, какви искуства имате вие“... се само дел од прашањата што можат да се најдат по разни фејсбук групи.

И да, понекогаш за некои прашања, овие групи можат да бидат добредојдени, но се' почесто можат да се сретнат прашања мошне интимни и лични, на кои местото им е во рамки на семејството или пак кај соодветно стручно лице.

Одговорот на прашањето зошто ни е полесно да му се довериме на Фејсбук, отколку на некој близок или стручен, се обидовме да го добиеме од мр психолог/сов.психотерапевт Розалија Секулоска -  Центар за личен и организациски развој "Трет Родитдел" и дел од тимот на стручни лица кои дваат онлајн поддршка на платформата Разговор.мк.

Розалија Секулоска

- Во текот на животот се случуваат пријатни и непријатни ситуации. Да можеме сите би избрале само убави нешта да се случуваат или барем помалку непријатни нешта. Но тоа е живот. Токму во тешките мигови, нашата личност со сите нејзини капацтети е ставена на животен испит како ќе го носи проблемот, дали ќе го реши и што е тоа решение, или нема да го реши, ќе го игнорира. Под интелигенција не се подразбира само ментален и емоционален коефициент, туку и адаптација на променетата состојба и барање на решение. Денес постои тренд да се објавува сè и сешто на социјалните мрежи. Се формираат групи во кои без пардон се дискутира за сè и сешто, па дури и за туѓи животи! За мене тоа не е во ред и никогаш не сум била љубител на жолтиот печат. Дали КОВИДОТ и во овој поглед има мал удел во тоа бидејќи и во минатото ова беше присутно но, во последно време како да е во мода приватноста да се споделува пред очите на јавноста...

И јас се прашувам зошто? Ако го разграничиме приватното од службеното (професионалното), интимниот живот е нешто кое се случува меѓу блиски личности кои самите најдобро можат да го решат проблемот или доколку не можат има начин и вистински места каде можат да побараат помош! Тоа ме доведе до сомнеж дали навистина се бара помош, или се бара внимание, правдање на себе и собирање на истомисленици за да се олесни она што се случува.

Ви изгледа ли дека со голема леснотија се зборува за мошне сериозни теми, давајќи си право да се расфрламе со ставови за туѓ живот (иако штом некој прашува јавно, очекува и јавен одговор)?

- Кој знае во позадина на проблемот која е вистината? Без разлика дали станува збор за развод, за барање на медицинки совет, совет дали и како да се постапи во некоја ситуација... луѓето од страна кои никако не се инволвирани во случајот, не ги познаваат актерите на "драмската претстава", можат само да се проектираат себе во своите одговори, а тоа може да биде понекогаш повеќе штетно отколку корисно. Разбирам кога некој донел одлука и бара совет на пример каде да најде добар адвокат или лекар, но не оправдувам кога некој на социјалните мрежи ја раскажува интимата и бара совет што да прави! Иако не го оправдувам,го разбирам дека тоа е чин на слабост, непромисленост или од друга страна несвесна игра која се вика "Кутриот/та јас, па сега помагајте". "Доста бев жртва", што би направиле Вие да сте на мое место.

Постојат ли случаи кога ваквото пласирање проблеми па и навистина може да помогне?

-Проблемите се решаваат најдобро без публика, освен ако станува збор за личност која се храни од драми! Сè што се случува се решава интимно во" четири ѕида" со разговор, дискусија и мирен тон. Караниците можат да го отежнат вистинското решение, како и да ја замаглат вистинската причина за проблемот. Ако двете страни не можат да го решат проблемот, постојат психотерапевти, брачни советувалишта или ако е медицински проблем, лекари, болници...,за да се види од објективна перспектива што се случува и што понатаму, а ако веќе е донесена одлука постојат начини.

Социјалните медиуми ги доживуваме премногу сериозно или пак, напротив, премногу „левтерно“?

 -За жал доколку социјалните мрежи и сите медиумски средства не изнајдат начин како инка да селектираат што и кого ќе објавуваат во своите колумни, останува одговорот дека секогаш за секоја содржина ќе има публика, не размислувајќи пошироко и подлабоко што значи тоа. Според мене пошироко е дека стануваме сеирџиски народ кој сега на малку помодерен начин гледа и озборува што се случува, а подлабоко кого се ќе уништиме во овој вртлог на препукувања? Јас социјалните мрежи ги доживувам како средство за забава, разонода, исполнување на слободното време, учење на новини и средство за реклама за оние кои имаат сој бизнис. Оние кои ги дожувуваат како врата за озборување, обелоденување на личните проблеми, решавање на проблеми,... грешат бидејќи тоа не е вистинското место.


Објавено:
2 февруари 2021
Категорија: 
Култура
Прочитано:
367 пати