Летен лексикон

Спасе: На одмор не одам без кредит!

21 јули 2017

Сигурни сме дека повеќето од вас се сеќаваат и пополнувале лексикони во детството. Ние одлучивме да се потсетиме на убавите години, а воедно да ги потсетиме и нашите соговорници.

Нашиот летен лексикон овој пат го пополни Спасе од „Еден на еден“.

И пред да почнете да го читате, да додадеме една „фуснота“. Иако веруваме дека на сите добро ви е познат, но за оние што првпат се сретнуваат со Спасе, да објасниме дека се работи за имагинарен лик и во текстот не е интервенирано за да се сочува автентичноста на одговорите.


Си пополнувал ли некогаш лексикон?
-Како не сум пополнувал... Бабури ги викавме ние. Само измислувате нови имиња за јадењава. Не можам да седнам да јадам по кафичиве. Еден ми продава чипс од 20 денари и ми вика начос е затоа е 120. И ова ли е така? Лексикони да не се поскапи бабури?

Прва асоцијација за лето...
-Штом престане да мириса на цвеќиња и почне да мириса на пот – дошло лето.

Прв летен одмор без родители...
-Здравје боже. Ќе биде...

Кои ти беа омилени активности како дете за време на летниот распуст...
-Шетање низ парк, работа на нива, полагање математика и во јуни и во август. Ама оваа година уште во јуни положив.

Предлог книга за на плажа...
Па да ја предложам оваа сега јас што ќе ја носам на плажа летово може ли? Се вика „Сто книги кои треба да ги читате на плажа“ Не е дебела до кај сто страни е.

Ова лето слушам...
-Е, па ова се знае. Деспасито највеќе слушам. Жена ми се дере „Де Спасито воа де Спасито оноа“

Ова лето гледам (предлог филм, филмски маратон)...
-Не гледам многу филмови. Ми препорача Жаре еден филм со две мали човечиња одат по планини. Јас гледам гледам 3 саати трае. Викам што им текнало на Андреј и Панчо да снимат филм. А тоа друго да ти било. Не го догледав, заспав...

Омилен летен настан, фестивал, културно случување...
-Сакам ги сите фестивали кај што настапуваат Цеца, Северина, Џенан Лончаревиќ и Сава Ковачевиќ. Ако победам на изборите за претседател на општина Булачани догодина ќе направам фестивал и јас, ќе го викнам и оној дебелиот Панцероти да пее ако треба, само да ја биде работава.

Што ако се расипе клима на +40?
-Ако се расипе климата ќе заврне. Нели така викаат? Не го разбирам прашањево...

Во кои ситуации се зацрвенуваш?
-Кога е многу топло во приватна 68-ца. Тој шоферот е еден скржав не дава прозорите да се отвараат за да не се расипеле. Многу е топло. Како варен рак сум кога ќе излезам од таму.

Што најмногу те иритира на плажа?
Многу ме иритира жена ми кога ќе ме фати дека гледам по други женски. Толку ме иритира што модрици имам после дури до октомври од иритацијата.

На/За што размислуваш додека лежиш на плажа?
-Најчесто размислувам дали жена ми до мене заспала на плажата, за да можам да побегнам.

Се сеќаваш ли на првата летна љубов?
-Ееех, како да не се сеќавам? Кога и да забраам тука е жена ми на првата кавга да ме потсети...

Без што не заминуваш на летен одмор?
-Без да извадам кредит. Многу е скапо...

Објавено:
21 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.445 пати