Спектакл во Велешкиот театар

15 февруари 2017

Во петок, 17.2.2017, со почеток од 20.00 часот, во театар „Џинот“ премиерно ќе биде изведена претставата „Ана Комнена“ од Сашо Димоски. Режијата ја потпишуваат Ненад Витанов и Васил Зафирчев, додека насловната улога ја толкува Кети Борисовска. Во претставата учествува речиси целиот ансамбл на Велешкиот театар, како и гости – студенти од факултетот за аудиовизуелни уметности „ЕСРА“.

Станува збор за претстава која иако е инспирирана од историјата (Византија од X-тиот век), не е ниту историска драма, ниту драма на историјата, туку современа претстава потрпрена на три основни столбови – принципот на власт, родовото устројство на светот и концептот за Бог во глобален контекст.

„Текстот „Ана Комена“ беше второрангиран на конкурсот за драмски текст за отворање на новата театарска зграда. На претставата се работеше во полн погон речиси три месеци и публиката може да очекува масовна претстава која максимално ги користи ресурсите и техничките капацитети на новиот театарски објект, како и актерски креации кои никого нема да остават рамнодушен“ – најавуваат од Велешкиот театар.

Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Раде Василев, авторската музика на Сашко Костов, додека видео-дизајнот е на Данчо Стефков.

Премиерната изведба на претставата е веќе распродадена, останати се уште мал број карти за првата реприза која е во сабота, 18.2.2017, со почеток од 20.00 часот.

Објавено:
15 февруари 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
608 пати