Спектакуларна завршница на „Гола Месечина“

1 јули 2014

Велат сè што е убаво кратко трае, особено пак, ако нештото во кое уживате ви предизвикува задоволство и ви измамува насмевка. Меѓународниот фестивал „Гола Месечина“ во организација на Театарот Комедија кој изминатиов период го брануваше небото во општина Аеродром, овозможувајќи им на своите посетители забавно решение за да ги поминат топлите јунски вечери и нудејќи им одлична забава која направи да стивнат од актуелното светско првенство во фудбал.

Седум театарски перформанси  се најдоа во трката за награди за најдобра претстава, најдобар актер, најдобра актерка и најдобра режија. Вчеравечер се затвори фестивалот „Гола Месечина“, се доделија наградите, а по тој повод премиерно се одигра и претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир во режија на Дејан Пројковски.

Директорката на театарот Комедија, актерката Јелена Жугиќ не можеше да ја скрие возбудата од успешното прво издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“. Поради кохерентноста и заокруженоста на театарското дело, актуелната и повеќеслојна тематика и пред сè поради хомогеноста на актерката игра, награда за најдобра претстава во целина ја понесе претставата „Без паника“ во продукција на Народниот театар до Битола, во режија на Благој Мицевски.

Наградата за најдобра режија ја понесе Синиша Евтимов за претставата „Сомнително лице“ на Македонскиот народен театар поради атрактивниот и современ режисерски пристап, како и одлично изградените карактери и драмски ситуации кои се и причина плус што оваа претстава е толку долго време на репертоарот на МНТ.

Aктерот Зоран Љутков за ликот на ефенди Цанде во претставата „Солунски патрдии“ во продукција на Драмски Театар Скопје, е избран за најдобар актер. Љутков покажа врвно актерско остварување, доследност и автентичен пристап во изградбата и интерпретацијата на овој легендарен карактер.  А наградата за најдобра женска улога отиде во рацете на Елвира Аљукиќ за улогата на Анѓа во претставата „Хамлет од Долна Мрдуша“ од Народниот театар од Тузла, поради оригиналноста и свежината кои ги донесе на летната сцена и насмевките кои ги измами од театарската публика.

„Честитки за успешното реализирање на првото издание на Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола Месечина“. Особено и благодарам на публиката за интересот и поддршката. За претставите секоја вечер се бараше столче повеќе и статистиките говорат дека 10.000 луѓе се забавувале во летните фестивалски вечери, а овој податок е најголемата потврда за успешното прво издание на „Гола Месечина“ рече во своето обраќање директорката Жугиќ.

Како што споменавме претходно во чест на наградените премиерно беше изведена претставата „Многу врева за ништо“ од Вилијам Шекспир, во режија на неприкосновениот Дејан Пројковски. Станува збор за спој на комични ситуации кои ги развиваат ликовите на благородниците од Месина. Целиот текст се заснова на љубовните згоди и незгоди на два љубовни пара и сите оние кои ја поткрепуваат или рушат нивната љубов.

„Многу врева за ништо“ е претстава која што е една играрија која во суштина ја содржи основната форма на театарот на Шекспир. Бидејќи самите актери на театар Комедија се една актерска трупа која што тргнува да ја одигра претставата „Многу врева за ништо“ притоа поигрувајќи си со театарот и животот, сонот и јавето, мешајќи ги тие понекогаш и заборавајќи ги самите актери до каде е театарот, до каде е животот во она што се игра на сцена за понатаму да се поигруваме со жанровите, да си поигруваме со комедијата и трагедијата и одеднаш токму тогаш кога ние ќе посакаме се што е комично смешно да стане многу страшно и многу тажно за на крајот повторно да направиме гротеска на таа трагедија и повторно да се вратиме на комедијата. Сметам дека таа голема играрија во себе ја содржи театарот пред се, но ја покажува вештината или би рекол мајсторијата на оваа прекрасна екипа на театар Комедија, бидејќи навистина она што го прават ќе биде на голема радост на големо задоволство се надевам на публиката. Бара од нив висок професионализам и би рекол една многу тешка психофизичка задача која што ја играат во тие два часа на сцена“, ни откри пред почетокот на претставата режисерот Пројковски.

Во претставата игра скоро целиот ансамбл на театарот Комедија Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Жарко Димоски, Крсте Јовановски,  Илија Илиоски, Роберт Ристов, Едмонд Сотир, Зорица Нушева, нина Деан, Драгана Левенска и Ева Скендеровска кои успеаја да машки да ја износат целата приказна и со голема доза на енергија ја раскажаа инвентивната театарска магија.

„Јас многу очекувам од целата претстава генерално бидејќи оваа претстава е различна, значи од веќе виденото што се случува на театарските сцени кај нас поготово во Театар Комедија. Сакам да кажам дека со оваа претстава се дефинира еден поинаков Шекспир. Во основа текстот негов стои, целата приказна стои, но што е различно? Различен е приодот бидејќи ние настапуваме како една трупа која ја работи претставата и се игра на неколку плана, додека едни глумат, други се во гардероба,  а други, пак, се движат позади итн. Уште поинтересно е тоа што кореографијата која ја имаме сама за себе зборува онаму каде што ние вербално не кажуваме никаков текст. Во оваа претстава се пее, се игра, се зборува, односно се она што треба да содржи или да го има еден модерен актер“ ни кажа актерот Крсте Јовановски кој во претставата го игра ликот на Леонато.

Режисерот Пројковски за секој свој театарски проект соработува со својот препознатлив тим, сценографија Валентин Светозарев, костимографија Благој Мицевски, композитор Горан Трајковски и „освежувањето“ специјално за оваа претстава е гостинката од Русија Елена Прокопева која се погрижи за неверојатната кореографија.

„Станува збор за една романтична комедија. Бидејќи е љубовна приказна некако се обидував да го задржиме тој аспект и времето во кое што е создадена. Од друга страна станува збор за еден исклучителен млад ансамбл кој што има една енергија која е современа и модерна и како што гледате и во претставата има и музика во живо во смисла свират рок, па додадовме малку инспирација од 70-тите, кожени мантили, јакни итн. Меѓутоа има и трет аспект претставата, работи на повеќе нивоа. Една претстава која што се измислува во текот за да се дојде до главниот заплет. Постои една гримиорна на сцена, во смисла тука има и костими кои што можеби припаѓаат на други претстави, па тие ги користат за потребите на тоа да создадат драма и најпосле од се има една сцена која што е маскембал во чија креација сакам да кажам дека можеби најмногу уживав како костимограф да направам костими кои иако се многу кратко на сцената треба да се ефектни. Со Дејан работиме долго време и слободно можам да кажам дека тој е еден од тие режисери кој ми дава апсолутна слобода и му верува на мојот вкус“, рече костимографот Мицевски.

Благој Мицевски покрај тоа што работи како костимограф, во моментов е и актуелен уметнички директор на театарот од Битола, а претставата која што тој ја режираше „Без паника“, а која се најде во трката за награди во рамките на фестивалот беше наградена за најдобра претстава.

Не заборавајте дека смеењето е здраво и правете го тоа почесто во текот на денот бидејќи губите калории и лачите големо количество на ендорфин кој ве прави среќни и задоволни.

Објавено:
1 јули 2014
Категорија: 
Култура