Српската актерка Тања Бошковиќ е лауреат на годинешново издание на ФКТ „Ристо Шишков“

14 септември 2017

Вчера заврши 25-то издание на престижниот Фестивал на камерен театар „Ристо Шишков" во Струмица, со доделување на наградите на најуспешните.

Српската актерка Тања Бошковиќ ја доби единствената награда за врвни актерски достигнувања на Фестивалот за улогата на Марија Клаиќ во претставата „Солзите се ОК".

Жирито во состав: Зијах Соколовиќ, Маја Драманска, Благоја Стефановски, Тодор Кузманов и Гоце Ристовски одлучија Бошковиќ да го добие златениот медалјон со ликот на доајенот на македонското глумиште Ристо Шишков.

Награда за најдобра претстава доби претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш..." во продукција на Артопија од Скопје.

Награда за режија доби Мартин Кочовски за претставата „Коските што доаѓаат доцна" во продукција на Националниот театар од Приштина, наградата за најдобар текст освои авторот Теки Дервиши, а истата претстава ја доби и наградата за костимографија за Нојман Војкова.

Претставата на струмичкиот театар „Џон Габриел Боркман" ја доби наградата за сценографија на Милена Пантелеева, а актерот Кољо Черкезов за улогата на Боркман ја доби наградата за машка улога.

Награда за специфичен поетско-документарен израз доби претставата „Добрите луѓе во време на зло" во продукција на театарот „Гариво" Во Сараево.

Асоцијацијата НЕТА додели и награди за машка улога на актерите Иван Видосављевиќ од театарот од Крагуевац и неговиот колега Здравко Малетиќ, како и на актерот Роберт Ристов за улогата на Ѓорѓи Мочев во претставата „Прво ќе ме земеш, па ќе ме...", а награди за женска улога добија Камелија Лишковска за улогата на НОРА во истоимената претстава од театарот во Враца и Исидора Рајковиќ за улогата Оливера во претставата на театарот од Крагуевац.

 

Објавено:
14 септември 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
82 пати