Светски ден на менталното здравје: Пандемијата сериoзно се одразува на менталната состојба на луѓето

10 октомври 2020

Оваа година 10 октомври, Светскиот ден на менталното здравје се обележува во услови кога пандемијата последниве седум месеци го соочи светот со многу предизвици како општествени, така и социјални, економски, здравствени, а менталното здравје на луѓето е ставено во особен ризик.

Според истражувањето на Светската здравствена организација (СЗО) спроведено во 130 земји за време на пандемијата на коронавирус, повеќе од 60 проценти од земјите пријавиле прекин на услугите за ментално здравје за ранливите групи, 67 проценти од земјите доживеале нарушувања во советувањето и психотерапијата, а околу 30 проценти од земјите пријавиле прекин на пристапот до лекови за ментални и невролошки нарушувања, што претставува дополнителна отежителна околност за генералната состојба на менталното здравје на луѓето ширум светот.

„Доброто ментално здравје е апсолутно клучно за целокупното здравје и благосостојба. Епидемијата на коронавирус ги наруши основните услуги за ментално здравје ширум светот токму кога тие се најпотребни", вели генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус на обележувањето на Светскиот ден на менталното здравје, додавајќи дека пандемијата сериозно се одразува на менталната состојба на луѓето.

Како дел од кампањата „Движење за ментално здравје", СЗО ја поканува глобалната заедница да учествува во „Големиот настан за ментално здравје", најголемата промотивна кампања на Интернет досега, со која се бараат зголемени инвестиции во менталното здравје на сите нивоа.

Инаку, Светскиот ден на менталното здравје започна да се обележува од 1992 година со цел менталното здравје на луѓето ширум светот да се стави како тема во фокус и да се инвестира во оваа сфера на различни нивоа.

Објавено:
10 октомври 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
280 пати